X
 01.01.2019 Култура

Интересни историски факти за Нова година

Дочекувањето на Новата година се прославува во светот со веселби, огномети и музика. Иако одговорот на прашањето зошто се прославува Новата година веројатно нема да ви притреба, не е лошо да го знаете. Којзнае, можеби ќе воодушевите некого. Еве што воопшто правиме во „најлудата ноќ од годината“.

Се смета дека влегувањето во новата година први почнале да го слават Кинезите, а има приказни дека тоа сепак биле старите Германи или Римјани.

Антички Рим почетокот на новата година го одбележувал на први март, бидејќи тогаш се буди природата, а деновите стануваат подолги од ноќта. Од 153 година од старата ера Римјаните ја преместиле прославата на први јануари. Тоа било празник на општа веселба - се честитало, се делеле подароци и се приредувале разуздани баханалии во чест на богот Јанус. Римјаните новата година ја славеле како симбол на почетокот на новиот живот и новата надеж за иднината, а тоа значење се задржало сѐ до денес.

Старите Германи доаѓањето на новата година го поврзувале со работата на поле. Кога завршувале со жетвата, се собирале и ја славеле добрата година и претстојниот одмор.

Сите овие обичаи, кои во основа се пагански, во Европа постоеле многу долго пред доаѓањето на христијанството. Оваа религија долго стравувала од славењето на новата година на први јануари бидејќи црковните поглавари во тоа гледале остатоци од старите верувања. Во текот на добар дел од средниот век за почеток на годината се сметал најрадосниот христијански празник - Божиќ. Дури од 12 век и црквата полека го прифаќа први јануари како прв ден од новата година.

Сепак, прашањето кога почнува следната година всушност не е решено ни денес на светско ниво. Повеќето развиени земји го прифатиле сметањето на времето по грегоријанскиот календар и за почеток на новата година го сметаат први јануари, но Евреите го слават шести септември, Кинезите слават кон крајот на јануари или почетокот на февруари, додека Индијците имаат неколку нови години.

За Нова година во светот има различни интересни верувања. Од култура до култура, од држава до држава, секаде има интересни настани и обичаи кои се практикуваат кога се испраќа старата година.

Еве неколку примери:

Грција

Грците за време на новогодишната ноќ традиционално делат колач во кој има скриена пара, која, според верувањата, му носи среќа на оној што ќе ја пронајде. Грците имаат уште еден обичај поврзан со Нова година - тие често повикуваат посебен пријател или член на семејството да влезе прв во куќата ако веруваат дека тој ќе внесе среќа и ќе ги спречи лошите нешта да влезат во домот.

Австрија

Кај Австријците за Нова година се подготвува свечен ручек, кој вклучува печено месо, како симбол на среќа и благосостојба, а за десерт сладолед од ментол во облик на детелина со четири листа. Тоа се главните услови за обезбедување среќа во новата година за овој народ.

Велика Британија

Британците се плашат кој прв ќе им дојде на гости во новата година бидејќи, според верувањата, тоа покажува колку среќа ќе имате следната година. Ако на гости ви дојде некој маж со подароци, вие сте вистински среќник. Но, немојте да имате големи надежи ако првото лице што ќе ве посети е жена.

Холандија

Во некои земји се верува дека сѐ што има облик на прстен носи среќа бидејќи тоа е симбол за полн круг, односно крај на еден циклус. Така, Холанѓаните за Нова година јадат крофни бидејќи веруваат дека тие носат среќа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура