X
 01.01.2022 Наша тема

Планинарски фанатизам - битолчани за Нова година се искачуваат на врвот на Пелистер

Годинава планинарот и новинар Петар Ставрев, на 81-годишна возраст, ќе се искачува по 30. пат за новогодишните празници, а планинарската група со Влатко Крбалески 11. пат изгрејсонцето на 1 јануари ќе го дочекува на врвот Антена

Пред 29 години „повлече нога“ битолскиот планинар, фотограф и новинар Петар Ставрев кога одлучи вториот ден од новата година да се искачи на пунктот на МТВ на врвот Антена, на Пелистер, на 2.601 метар надморска височина за на вработените да им ја честита Новата година со шампањ. Неуморниот битолски планинар за оваа Нова година, по јубилеен 30. пат, на 81-годишна возраст, планира да го повтори потфатот. Во меѓувреме и други непоправливи вљубеници во Пелистер одбраа првите изгрејсонца во новата година да ги дочекуваат на врвот на Пелистер. Оваа група е предводена од планинарот Влатко Крбалевски, кој годинава по 11. пат првата зора од новата година ќе ја дочека на Антена. Иницијативата се вика „Први на први“ и е во рамките на празничната програма „Зимска приказна“ поддржана од Општина Битола.

Со шампањско на Антена

Новинарот Ставрев се присетува како пред три децении дошол на идејата за Нова година, кога сите се забавувале, а преку ден одмарале од забавите, да се искачи на највисоката точка на Пелистер.


Петар Ставрев (лево)
- Следејќи ги дневните и неделните весници во земјава и пошироко на југословенските простори, размислував дали можам да подготвам некои написи за да се најдам во весниците во неделните броеви што беа ревијални. Дознав дека на Пелистер на 2.601 метар, на највисоката точка, се наоѓаат неколку луѓе, вработени, кои мора да дежураат и да работат иако е Нова година. Направив обид да се искачам, веќе подолго време планинарев, се имав искачено и на Мон Блан. За да не одам празен, реков да им ја честитам Нова година со шампањско и добри желби - раскажува Ставрев за Факултети.мк.

На пунктот на МТВ, и во тоа време, а и денес работат лица кои се грижат ТВ-сигналот да тече непречено и гледачите да имаат програма. Ставрев раскажува дека вработените наместо да празнуваат, морале да гледаат во телевизорите да не има некоја пречка. Тој пријатно ги изненадил. Вели дека искачувањето е многу тешко и возможно е само ако неколку дена претходно помине ратрак до пунктот за да направи пат.

- Секогаш искачувањето на тој ден е многу тешко. Ретко се случува да не дува силен ветар, да нема голем снег. Но, зависи и од тоа дали горе на пунктот ден-два или три порано ќе се искачи ратракот. Инаку не може да се гази. Обично има по 70 до 80 сантиметри снег, а некаде има и до два метра. При еден ваков обид бевме тројца планинари, но не можевме да се искачиме на втори, па се обидовме на трети, па на петти јануари и дури по неколку дена успеавме - вели Ставрев.



Врвот да не е цел по секоја цена, важно е планинарите да се вратат дома


На младите планинари што се обидуваат во зима да се искачуваат на врвот на Пелистер или на други планини им порачува дека најважно е безбедно да се вратат дома.

- Кога почнавме да се искачуваме, немавме квалитетна опрема. Само чевлите ни тежеа по неколку килограми. Сега има многу квалитетна опрема со која ќе бидат заштитени. Ме радува фактот што многу млади почнаа и во зимски услови да се искачуваат. Но, апелирам да не ги потценуваат опасностите. И покрај тоа што патеката е трасирана, треба да се внимава. А најважно е да се вратат безбедни. Познатиот планинар Јовица Угриновски во една своја книга има напишано дека врвот не треба по секоја цена да ви биде цел, туку целта е да се вратите дома. На врвот ќе може да се искачувате по вторпат или по третпат, а дома секогаш треба да се вратите - додава искусниот планинар.

Први на први - за нив Нова година е првото изгрејсонце на Антена

Ставрев се искачува на Антена на втори јануари, а една друга група планинари по првичната иницијатива на Влатко Крбалески годинава по 11. пат зората ќе ја дочекаат на пелистерскиот врв. Неуморните и храбри планинари се од групата „Olympus Mons", во чиј состав покрај Крбалески, повеќе години учествуваат и Иванчо Тошевски, Александар Димовски, Јасмин Биберовиќ и Ана Крбалеска, а ќе им се приклучат и други. Сите заедно од пред Инфо-центарот за Антена ќе тргнат 30 минути по Нова година.



Сакаат ова да биде прв настан во новата, затоа и го носи името „Први на први“. Планирано е во 7 часот наутро да бидат на врвот, каде што ќе им доделат новогодишни подароци на вработените на радио-телевизискиот предавателен пункт.

- Чувството да се дочека првата зора на врвот на Пелистер не се опишува со зборови, тоа треба да се доживее. Таа магија ме тера годинава по 11. пат за нова година да се искачувам на планината, со која како планинари сме многу поврзани. Пријавени се 20 планинари, а бројката можно е да се искачи до 30 - раскажува Крбалески.


Влатко Крбалески

Антена е највисокиот врв на Баба, а трет по височина во земјава. Се смета дека ова е втора височинска точка на Балканот и пошироко каде што постојано има луѓе - вработените во радио-телевизискиот предавателен пункт. Во овој период од годината горе владее снег и мраз, но планинарите што се искачуваат раскажуваат дека на врвот знае да ги дочека и сонце. Погледот кон четирите страни на светот е величествен: кон Преспанската Котлина, ако е ведро може да се види и Преспанското Езеро, Пелагониската Котлина, врвовите на Баба Планина и градот Битола, како и во далечина во правец каде што се наѕираат планините во Грција и во Албанија.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема