X
 01.02.2019 Наша тема

Нема факултет во Македонија што работи чисто и беспрекорно. Нема таков!

Во интервју за Факултети.мк инспекторот Ѓорѓи Илиевски од Државниот просветен инспекторат зборува за сите недостатоци во високото образование и како некои универзитети работат незаконски. Вчера тој ја промовираше и новата книга „Состојби и потреби за квалитет во високото образование во Република Македонија“


Повеќе од 20 години е инспектор за високо образование. Со пет колеги од Државниот просветен инспекторат ги чешла 24. универзитети што постојат во земјава. Тешко е во една реченица да се набројат сите недостатоци во високото образование што инспекторот Ѓорѓи Илиевски ги стави во двете негови книги - „Состојби и потреби за квалитет во високото образование во Република Македонија“, последната промовирана вчера. Но, за тоа колку се алармантни проблемите во високото образование, кажува одговорот на Илиевски кога го прашавме да ни посочи барем еден факултет што работи професионално:
- Нема таков! – вели тој.

Зошто одлучивте да ги напишете книгите во кои детално раскажувате за состојбите во високото образование?

- Ги познавам добро сите потсистеми во системот за образование. Почнувајќи од предучилишното, па сѐ до високото и образованието за возрасните. Во сите овие години се направени неколку национални програми за образование. Но, тие стратегии се многу убави на хартија, но во практика не се применуваат. Токму она што се случуваше и со законите за високо образование, надополнувањата повеќе од 20 пати неминовно водеа до потреба од нов Закон во 2015 година. Имаше целосен хаос во високото образование. Тој закон ми беше повод да почнам да пишувам. Инаку на сите министри, од Тодоров до најновиот Адеми, на сите им е укажувано за проблемите. Ние како институција, па и јас лично сум ги известувал за секоја незаконитост во високото образование. Го информиравме и Одборот за акредитација и евалуација. И во време кога тој беше една институција. Кога беше една институција, имавме ситуација кадија те тужи, кадија те суди. Сега ги одвоија повторно, но Одборот за евалуација никогаш не функционирал. Досега нема да бил одбиен факултет што поднел акредитација. И ќе си речете „добро е, нека се прима сѐ“, но по една-две години треба да проработи таа евалуација, односно вреднување, проверка на работата. Сега имаме таква ситуација, хаотична. На пример, Универзитетот „Мајка Тереза“. Тој почна со работа без акредитација, спротивно на Закон, со времено решение. Сега има акредитација, но започнувањето на Универзитетот е спротивно на Закон. Иста ситуација имаме со универзитетот во Охрид, „Св. Апостол Павле“. Таму не функционира ниту еден орган. Не функционира Наставно-научниот совет, нема Деканска управа, нема Ректорска управа. МОН е запознаено, сите министри, но никој не реагира. Меѓународниот универзитет во Струга (МУС), каде што откривме многу незаконитости, треба да се укине. Таму имаме над 800 ненострифицирани дипломи. Доставивме и прекршочни и кривични пријави. Случајот сѐ уште нема епилог.


Ѓорѓи Илиевски

Со еден збор кажано, во Македонија, во високото образование доминира политиката. Сето ова е ставено во моите две книги. Затоа и ги напишав. Мене особено ме загрижува Болоњската декларација, која ја потпишавме. Ние не ја применуваме. Ние само броиме кредити, студентите ги третираме како дивиденда, а не како партнери. Студентот треба да биде вклучен во наставата и во научните истражувања, а не само да стекнува знаења. Науката треба да има применливост. Сега студентите се само објекти, изложени се на разни тортури и злоупотреби. Изгубен е и етичкиот кодекс што треба да се почитува од страна на професорите.

Ова значи дека високото образование има многу проблеми. Како, всушност, ги оценувате состојбите во оваа сфера?

- Јас пред некој месец добив инфаркт, сега се лекувам. Токму такво ни е образованието. Состојбата е инфарктна. Иако сите се запознаени со проблемите, сѐ си тече по старо. Не се согласувам со констатацијата дека кога ќе влеземе во ЕУ, сѐ ќе се реши. Ние сме веќе дел од Европа и сами треба да се средиме. А тоа ќе се направи само ако се почитуваат законите. Ние самите треба внатре да се менуваме, но изгледа не сакаме. Од причина што премногу е навлезена политиката. Ова го зборувам за сите влади досега.

Имаме ли премногу универзитети?

- Имаме! Имаме и многу чија работа треба да се преиспита. Ние имаме над 24 универзитети, околу 600 студиски програми кои не се компатибилни со пазарот на труд. А треба да имаме дуално образование, тоа е важно заради стручната пракса на студентите. Имаме, на пример, многу насоки од општествените науки. За жал, многу програми кубурат со бројот на студенти. Имаме квантитет, ама без квалитет. За да имаме квалитетно образование, треба Одборот за акредитација и за евалуација да работи како што треба. Излезот го гледам во Национално тело за високо образование. Тоа мора да проработи, иако во Законот го има само формално.


Пред неколку дена Илиевски ја промовира својата втора книга

Како држава издвојуваме малку средства за наука. Како гледате на овој проблем?

- Да, тука сме најслаби. Издвојуваме 0,22 проценти од БДП, помалку и од африканските земји, помалку од нас издвојува само Босна и Херцеговина. Ако не се направи чекор, да се сфати дека образованието е еден систем кој создава ресурси, а не потрошувачка, нема напредок. Само со квалитетно образование ќе имаме развој, дали е тоа во стопанство, технологија или информатика. И сѐ треба да се прави во договор со стопанството. Со право странските експерти нè критикуваат во овој дел. Велат дека носиме стратегии, но само на хартија.

Повеќе од 20 години сте инспектор. Сте се соочиле ли со притисоци, уцени или поткуп за да не констатирате некоја неправилност или да не издадете одредено решение?

- Морам да кажам дека секогаш како инспектор сум приоѓал прво човечно, за да може да ги решиме проблемите. Сум издавал многу решенија, имало ситуации каде што, на пример, професор уценувал студентка, односно сакал сексуално да ја злоупотреби, ситуации кога професори продавале книги и со тоа ги уценувале студентите за оценка. Кога порано работеа студентските правобранители (сега и тоа не функционира), добивав многу информации и претставки за неправилности и од нив. Сега немам веќе претставник од студентите за комуникација. Инаку, се јавуваат студенти и со пријави за поткуп, но тоа многу тешко се докажува. Или за злоупотреба на функцијата, во смисла за сексуална злоупотреба. Имавме случај пред три години кога на студентка ѝ било кажано во 21 часот да се појави во кабинет на професор. Момчето ја чекало надвор бидејќи насетила за што станува збор. Случајот го пријавија во полиција и кај нас. Тој професор сѐ уште е на работа. Не знам што презела полицијата, дали е докажано ова. Но ете тој сѐ уште е на работа. Многу е важно да има силни докази. Имаме и многу случаи за назаконитост во изборот во наставно-научни звања. Даваме извештај, тие се жалат до второстепена комисија, која е ставена политички, поставена од Владата. И во зависност од тоа кој е на власт, случаите не се расчистуваат.

Инаку, не сум се нашол во ситуација да ме уценуваат, поткупуваат. Мене најголема слабост ми се студентите и секогаш сум на нивна страна. Некој да ми речел: „Ѓорѓи еве ти 100 евра, прогледај низ прсти“, не, тоа не ми се случило. Сум знаел да испијам кафе, да поразговарам и да укажам на проблемите. Прекршочни и кривични пријави сме дале многу. За жал, многу од нив не се процесирани како што треба во судовите и од страна на јавните обвинители. Мене и мој колега во Струга психички и физички нè нападнаа бидејќи им кажавме дека незаконски работат, но нема епилог и од тој случај.

Во Државниот просветен инспекторат само пет инспектори се одговорни за високото образование. Како постигнувате да ја проверите секоја претставка и да извршите редовни контроли на факултетите во цела Македонија?

- Едно време бевме двајца. Имаме редовни инспекциски надзори, вонредни и реагираме по претставки. Имаме една колешка од Битола која ги покрива Охрид, Битола и Прилеп. Пет инспектори ја покриваме цела Македонија. Ако сакаме да работиме како што треба, мора да се обнови овој инспекторат за високото образование. Ова е случај само со високото образование, за основно и средно има над 50 инспектори.

Кој факултет работи професионално?

- Тешко можам да издвојам, нема таков. Не можам да кажам дека сите факултети работат одлично. Има слабости. Но, важно е тие да ги надминат неправилностите. Ние го имаме УКИМ, најстар универзитет, и не можам да кажам дека сѐ е ок, има слабости. Исто и за Битолскиот, за Штипскиот, Tетовскиот. Но, добро е ако има стремеж за подобрување. А да кажам дека тој универзитет или факултет работи чисто и беспрекорно, не можам да кажам. Нема таков!

Кажавте дека многу од случаите за кои сте донеле решенија за незаконито работење не се расчистени. Следната година одите во пензија. Заминувате ли можеби со тежина на душата поради ваквите ситуации?

- Ќе ми беше тешко ако не ги напишев книгите. Таму пишува сѐ за што зборувам во ова интервју. Сум кажал сѐ во овие книги, но имам уште многу да кажам. Не се плашам отворено да зборувам за овие проблеми. Пред два месеца кога отворено кажав дека нè нападнаа во Струга на Универзитетот, наидов на проблеми, но не се плашам.


„Кој работи и греши“, ова е добро позната реченица. Би постапиле ли поинаку во одредена ситуација од денешен аспект?

- Можам да кажам дека секогаш сум приоѓал човечки кон одредени проблеми и ситуации на факултетите. Сум сакал каде што имало проблеми, да укажам и заедно да го решиме со службите. Кога го спроведувале нашето решение од Инспекторатот, добро било. Кога не соработувале, си добивале соодветни пријави. Некој грев немам направено. Имам можеби попуштено во смисла ако сум дал решение со одреден рок, да го продолжам ако гледам волја од службите да го решат. Сум им давал шанса. Ова е многу специфична материја и не секој проблем може да се реши преку ноќ. Не ми било цел да дадам глоба, да се ситам, туку сум гледал да настапувам превентивно, сум сакал да помогнам ако имало разбирање од другата страна. Ми се јавувале и високи функционери, но јас сум бил силен пред законите.

Имаме нов Закон за високо образование. Ќе реши ли тој некои од напластените проблеми во образованието?

- Новиот Закон очекувавме да биде развоен. Имавме и дебата за тоа во МАНУ. Јас и тогаш кажав дека мора добро да профункционира Одборот за акредитација и евалуација, и тоа одвоено, како и Националниот совет. Да се реши и финансирањето на факултетите. Треба да има посебен буџет за високото образование, дури и посебно министерство за високо, а посебно за предучилишно, основно и средно. Финансиите мора да се одвојат. Новиот Закон не само што не е развоен, туку е полош од претходниот. Зошто? Ако во претходниот имаше точно наведено како се напредува во наставно-научни звања, колку трудови да објави професорот итн., во новиот тоа се намалува. Тоа е под европските стандарди за образование. Статутите сѐ уште се во Собрание, па има катастрофална ситуација. Универзитетите во моментов работат без статути. Сега имаме донесени правилници без Статут.
Немам надеж дека новиот Закон ќе смени нешто и дека ќе ни донесе европско образование. За каква автономија зборуваме кога универзитетите немаат финансиска автономија. Не може да вработат сами ниту кога професор оди во пензија. Треба да прашаат прво во Министерството за финансии и да молат. И даваат, ама кажуваат кој треба да се прими на работа. Ова мора да се промени. И ако не се тргнат рацете на политиката од образованието, сите млади ќе ни избегаат. Тие всушност бегаат од беззаконието во земјава.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема