X
 01.02.2021 Живот

Дрвјата во урбаните средини може да имаат чуден ефект врз депресијата

Веќе има долга листа со причини за да ги сакаме дрвјата, но според студија спроведена на 9.751 жител на Лајпциг, Германија, спречувањето на депресијата може да е последната ставка на таа листа.

За поточно мерење, истражувачите користеле рецепти за антидепресиви наместо самоизвестување за да го проценат менталното здравје на заедниците и потоа тие статистики ги вкрстиле со бројот на дрвја на улиците во секоја област.

Тие истакнаа дека повеќе лисја на 100 метри од домот е поврзано со намалена веројатност за препишување антидепресиви - резултати кои може да бидат многу корисни за луѓето што ги планираат градовите, за здравствените работници и владите.

Намалувањето на употребата на антидепресивите поврзано со дрвјата на улиците било особено забележливо кај групите што биле во полоша социо-економска положба. Иако е важно таквите резултати да не се земаат здраво за готово, резултатите навестуваат дека дрвјата во урбаните средини можат да дејствуваат како едноставен и пристапен начин за подобрување на менталното здравје и да помогнат во затворањето на јазовите на нееднаквост во однос на здравјето во општеството.

- Нашите резултати посочуваат дека дрвјата на улиците можат да помогнат во затворањето на јазот на нееднаквоста во однос на здравјето помеѓу економски различните социјални групи. Тоа се добри вести затоа што дрвјата на улиците може лесно да се посадат и нивниот број може да се зголеми без многу напори за планирање - вели психологот Мелиса Марзел.

Истражувачите утврдиле дека е клучна дистанцата од 100 метри - поголемиот број дрвја на улиците на поголема површина не правел голема разлика во степенот на препишување антидепресиви. Исто така, истражувањето покажало и дека не е важен видот на дрвјата.

Иако студијата има ограничувања - на пример, не сите депресивни луѓе се на антидепресиви и може да има и други фактори што влијаат врз менталното здравје - статистиките покажуваат доволно голема поврзаност за да сугерираат дека едноставно дрвјата на улиците се доволни за да се подобри расположението на луѓето.

- Важно е да се напомене дека повеќето упатства за планирање урбани зелени површини често се засноваат на целни посети за рекреација. Нашата студија покажува дека природата блиску до домот - биодиверзитетот кој го гледате преку прозорецот или кога одите или возите накај работа, училиште или кога одите да пазарите - е важен за менталното здравје. Ова е особено важно сега во времиња на затворање поради Ковид-9 - вели екологот Дајана Боулер од германскиот Центар за истражување на интегративниот биодиверзитет.

Истражувачите посочуваат додавање „ненамерно природно искуство во секојдневниот живот“ за да се помогне во борбата со менталните проблеми, а велат и дека идните студии би можеле да испитаат други видови зелени површини и нивното влијание врз ризикот од депресија во некоја област, како и разгледување различни видови дрвја.

Истражувањето е објавено во „Сајентифик рипортс“.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот