X
 01.02.2021 Култура

Вака звучи „Четири годишни времиња“ на Вивалди адаптирана на климатските промени

Низата виолински концерти „Четири годишни времиња“ на Антонио Вивалди е музичко претставување на стабилната клима во која живееле луѓето во последните 10.000 години. Нови композиции ги менуваат концертите на Вивалди, кои биле напишани во 1723 година, за да ги адаптираат на климатските промени.


Тим Девин, креативен директор во агенцијата за дизајн и комуникации Еј-кеј-кју-еј (AKQA), соработувал со експерти за податоци, композитори, музичари и програмери за да ги адаптира концертите на предвидувањата за климата во градовите низ светот.

- Треба да ги хуманизираме климатската наука и климатските податоци за да може да се поврземе повеќе со луѓето. Ова изгледаше како добра можност за тоа - вели Девин.

Првата адаптација на делото „[Несигурни] четири годишни времиња“ е закажана за изведба од симфонискиот оркестар во Сиднеј на 12 јануари, а концертот треба да го претстави можниот живот во Сиднеј во 2050 година.


Фото: Pixabay

Тимот користел алгоритам за да создаде стотици локални верзии од концертите врз основа на промените во климата поради глобалното затоплување. Додека оригиналниот концерт „Пролет“ на Вивалди е весел, новата верзија не звучи така. Дел од „Лето“, што оригинално претставувал мирна попладневна дремка, сега претставува кошмар со пожари, урагани и други катастрофи.

Во најекстремните верзии воопшто нема музика. Композицијата за Шангај е тишина бидејќи доколку емисиите пораснат на највисоко ниво, градот ќе потоне до 2050 година.

Верзијата што ќе биде изведена во Сиднеј може да ја слушнете ОВДЕ. По изведбата во Сиднеј, тимот планира да соработува со оркестри во секој град за да се изведат локалните верзии.

Автор: Адел Питерс
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура