X
 01.02.2023 Живот

Причини зошто треба да пешачите по снег и студ

Иако студот и ниските температури често ни служат како изговор да се затвориме дома и да го поминеме викендот под ќебе, придобивките од зимското пешачење, како за менталното така и за физичкото здравје, се толку големи што откако ќе го прочитате овој текст, се надеваме дека ниските температури нема да ве спречат да излезете.

Свежиот воздух и движењето, а можеби и малку сонце, се добри за здравјето и расположението.

За почеток, треба добро да се облечете. Би било добро ако горниот слој на облеката е отпорен на вода и ветер и да имате рефлектирачки елек, особено ако пешачите навечер.

Не заборавајте ракавици. Добро е да ставите два пара ракавици за рацете да ви бидат топли. Кога ќе се загреете, извадете еден пар. И не шетајте со рацете в џеб бидејќи на тој начин влијаете врз вашата рамнотежа.

На главата ставете капа, а лицето и вратот покријте ги со шал. Вашите обувки треба да се соодветни за зимски услови, да се водоотопорни и да не се лизгаат.

Важно е однапред да ја планирате активноста во случај на екстремен студ. Размислете што ќе правите надвор и колку долго ќе пешачите, а размислете и за најкусиот пат до дома во случај да стане премногу ладно. Земете вода и мобилен телефон со себе.

Ако пешачењето ви стане зимска активност, набавете си стап, особено ако вашиот избор е нерамен терен. Обидете се да си најдете друштво кое ќе ве мотивира. Пред излегување, внимавајте на температурата и ветрот: колку е посилен ветрот, толку е чувството „пониско“ од реалната температура на воздухот. Така, на пример, ако ветерот дува со брзина од 15 км/ч, температурата е 10 степени, ќе се чувствува како осум. Ако дува ветер од 100 км/ч на иста температура, тогаш ќе се чувствува како 4 степени.

снег
Фото: Freepik

Придобивки од пешачењето во зима

1. Станување од каучот

Пешачењето е евтино и лесно. Тие две работи нека бидат вашиот прв поттик да го замените вашето попладневно лежење на каучот.

Уште подобар поттик да почнете да пешачите е фактот што научниците забележале низа придобивки од само 150 минути физичка активност неделно, која може да биде умерена или енергична, во зависност од вашите можности.

Од друга страна, седентарниот начин на живот носи низа негативни последици. Недостигот на активност, меѓу другото, го зголемува ризикот од срцев удар, а доведува и до ослабена циркулација, дебелина, губење на мускулната маса, проблеми со грбот.

2. Согорување калории

Пешачењето на пониски температури ќе ви помогне да согорите повеќе калории бидејќи вашето тело работи понапорно за да остане топло.

Една студија покажа дека времето поминато на ниски температури може да го зголеми согорувањето на калориите до 30 отсто.

3. Создавање здрави навики

Иако може многу брзо да се откажете од вежбањето во сала, пешачењето е активност која го олеснува создавањето здрави навики - бидејќи додека пешачите, истовремено уживате во прекрасна природа и свеж воздух. И додека уживате во глетката, бројот на преземени чекори и согорените калории само се зголемува.

Кога ќе почнете да пешачите, не би било лошо да следите колку долго сте активни и колку чекори сте направиле бидејќи кога ќе ги видите резултатите, ќе ви се зголемат мотивацијата и желбата да ја продолжите активноста. Полека, оваа здрава активност ќе ви стане навика и дел од вашата рутина.

4. Подолг живот

Ако секој ден одвојувате 20 минути за брзо одење, значително ги намалувате шансите за прерана смрт. Ова го покажа студија спроведена на Универзитетот во Кембриџ, во која биле опфатени 334.000 возрасни Европејци. Скромното зголемување на физичката активност е доволно за подобрување на здравјето и продолжување на животот.

5. Пешачењето помага во борбата против депресијата

По празниците многу луѓе доживуваат зимска депресија, а еден од начините за борба против неа е пешачењето.

Во случај на депресија, се препорачува да поминувате што повеќе време на отворено. Затоа, прошетките нека станат дел од вашиот живот, по можност на убави локации, во природа, што ќе биде дополнителен плус.

6. Производство на витамин Д

Иако понекогаш имаме впечаток дека со денови не гледаме сонце во зима, тоа сепак знае да оди рака под рака со ниските температури, а само 15 минути на сонце два до трипати неделно се доволни за производство на витамин Д. Имено, изложеноста на сонце го стимулира производството на тој витамин кој, меѓу другото, е важен за силни коски. Ова нека ви биде поттик да го искористите секој сончев зимски ден за прошетка.

7. Пешачењето е социјална активност

Прошетката на свеж воздух е идеален начин да го поминете времето со пријателите. Освен тоа, доколку се шетате сами, сигурно ќе налетате на некои соседи и познајници со кои ќе се поздравите и ќе имате пријатен разговор. И денот веднаш ќе ви биде поубав.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот