X
 01.03.2019 Живот

ИКЕА доби тужба поради каталог

Во Израел е покрената тужба против шведскиот производител на мебел ИКЕА поради родова дискриминација, а случајот се однесува на каталог објавен во еврејската држава во кој нема фотографии од жени и девојчиња.

Каталогот е создаден посебно за ултраортодоксната заедница, наведуваат израелските медиуми. Тужбата ја поднеле Хана Кацман од градот Петах Тиква во централниот дел на Израел и Центарот за верска акција.

Претставничка на центарот истакнала дека ова е првпат некоја меѓународна компанија да се соочи со тужба за таква дискриминација во Израел.

- Тоталното исклучување на жените и девојчињата од каталогот испраќа сериозна и тешка порака дека жените не се вредни и дека нешто е погрешно во нивното присуство, макар и во фамилијарниот дом прикажан во каталогот - стои во обвинението.

Покрај тоа, се оценува и дека таа дискриминација и изоставување ги навредило, разбеснило и повредило оние што го добиле каталогот и дека штетата која е нанесена со тоа влијае врз многу пошироки кругови и има потенцијал да го повреди статусот на жената во општеството, а особено во ултраортодоксната заедница.

Контроверзниот каталог бил дистрибуиран во текот на ограничен период во 2017 година. Тој бил наменет за ултраортодоксните Евреи, познати како Хареди, од кои некои се придржуваат до политика на полова сегрегација. Често во рекламите во заедницата се отстрануваат фотографии од жени и девојки. По жалбите, од ИКЕА во Израел истакнале дека во иднина ќе се воздржат од дистрибуција на каталози во кои нема жени. Каталогот што следуваше исто така беше наменет за ултраортодоксната популација и во него воопшто немаше фотографии од луѓе.

Од седиштето на компанијата во Шведска беше истакнато дека тие не знаеле за тој специјален каталог и оттаму веднаш се извинија.

Израел не е единствената земја во светот каде што ИКЕА намерно ги исклучува фотографиите од жени од каталозите. Обиди за издавање слични каталози имаше и во Саудиска Арабија.

Во Израел се бара ИКЕА да плати компензација за околу 10.000 ултраортодоксни жени кои, како што се проценува, се повредени од постапката. Се бара минимална отштета од над 400 долари за секоја жена и ИКЕА да го обнови делењето на каталозите со фотографии и од жени и од мажи во заедницата на ултраортодоксните.

Наредбата за компензациите не би била преседан бидејќи во септември минатата година израелски суд му нареди на едно радио кое одбило да емитува женски гласови да плати отштета од 280.000 долари.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот