X
 01.03.2022 Наша тема

Искра Донева се подготвува да направи 1.927 чекори за да ја победи болеста

Оваа хуманитарка дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а на истиот факултет се запишала и на постдипломски студии. Вели дека стекнатото образование ѝ го трасирало патот и ѝ отворило многу врати

„Во мене има толку многу волја и радост кон животот“, со радосен глас го почнува разговорот преку телефон Искра Донева, веќе позната како поетеса, хуманитарец и активист. Спонтано ја раскажува својата приказна, за која, како што вели, многупати се пишувало во медиумите. Но, како што посочува, овој пат таа подготвува нешто поинакво. Сега таа има нов личен подвиг за кој сака да слушнат сите.

Се подготвува, кога тоа ќе биде можно, да направи 1.927 чекори, токму онолку колку што има километри до Москва, каде што се наоѓа Клиниката во која таа треба да го продолжи лекувањето со матични клетки. Симболиката со чекорите, како што вели, за некого е мала, но за неа е многу голема инспирација. Изминатиот период со лични тренери таа вежба и ја зајакнува својата физичка кондиција.

Иако целта засега ѝ е недостижна, во себе има искра надеж.Таа мора и ќе се исправи на нозе. Мотивацијата е поголема од сите препреки.

- Секојдневно тренирам, и тоа по неколку часа. Пешачам, правам вежби наменети токму за мојата состојба. Им благодарам на моите тренери, кои веруваат во мене повеќе од кој било друг - додава Искра.



Судбината ја следи од нејзиното раѓање

Церебралната парализа која ја има од раѓањето ја попречува во секојдневното движење. Иако понекогаш вели дека се чувствува заробена во својот стан, во зградата без лифт во скопската населба Лисиче, сепак, тоа не ѝ ја намалува широката насмевка која секојдневно ја носи на лицето и не ѝ ја урива надежта за подобро утре.
Нејзината состојба се случила уште од раѓање. Родена е во седмиот месец од бременоста и ставена била во инкубатор во кој снемало струја. Оттогаш почнува нејзината борба, која сѐ уште трае.

И покрај тоа што и сега има силни грчеви и болки во телото, не престанала да верува во борбата да ја подобри здравствената состојба.
- Лековите не ми помогнале да се ублажи состојбата, само физикална терапија која ми е неопходна секојдневно. Комбинирано користам многу помагала за да функционирам -вели таа.

Верува дека терапијата со матични клетки ќе ја исправи на нозе

Во 2021 година залегнала, изгубила кондиција оти поради короната била постојано дома.
Околу новогодишните и божиќните празници зачекорила. А тие неколку чекори што ги направила за неа се голем празник.

- Од пуста радост направив 2-3 чекора. Следуваа солзи радосници. Далеку од тоа дека проодев, но за мене и тие ситни пингвински чекорчиња се гооолемо и значајно достигнување - вели Искра.

Сега се обидува со здрава храна и малку тренинг да си ја врати формата.



Најголема желба ѝ е да го продолжи лекувањето со матични клетки во Русија и овозможување на секојдневната физикална терапија која за нејзината состојба е задолжителна.

- Тоа е долгорочно лекување во неколку етапи, 8 или 10 во рок од 3 години при што треба да се аплицираат матичните клетки, а во меѓувреме, кога ќе се вратам назад во Македонија, ќе треба да имам рехабилитациони третмани, витаминска терапија, здрава храна, движење,тренинзи итн., а сето тоа чини многу - вели таа.
Затоа во следниот период ќе се трудам, ќе барам начин да направам канал, систем, проект, движење, нешто за да можам да заработувам од своите таленти, од пишувањето, од книгите, мотивациските говори, сликите.

Образованието ѝ отворило многу врати

Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а на истиот факултет се запишала и на постдипломски студии, кои ги завршила. Во меѓувреме го завршила и Факултетот за надворешна политика и дипломатија на ФОН.
Вели дека стекнатото образование ѝ го трасирало патот и ѝ отворило многу врати.

- Наспроти сѐ со што се соочувам, образованието беше она што ми помогна да се изборам. Само образованието беше значајно во остварувањето на моите достигнувања.
Учењето и стручната литература, книгите и воопшто пишаниот збор се пасија на Искра. Таа е страстен читател, но и самата е автор на неколку дела.
- Без разлика дали читаш или пишуваш книга, нештото за кое се пишува ти го преживуваш, го доживуваш, го чувствуваш. Со помош на книгите ги доживувам сите оние нешта и улоги кои во реалниот живот не можам – еднаш сум балерина, другпат космонаут … Можностите се бескрајни - вели таа.



Купувањето на нејзините книги и слики - чекор за помош

Како лице со хендикеп кое живее само, на Искра секогаш ѝ е добредојдена нашата поддршка и помош.

- Потребна ми е помош на повеќе полиња. Апелирам до секој што сака да се вклучи во моите активности, било со талентот што го поседува, било со професионалната вокација и можностите. Младите студенти можат да помогнат во тоа што го правам. Така ќе можеме да направиме реални промени за сите - посочува Донева.

Покрај постојните сметки за донации, таа посочува дека има книги, слики кои може да ги продава, но можна е помош и преку отворање веб-страница каде што ќе бидат пласирани сите нејзини дела. На тој начин ќе може да се поддржи нејзиното творештво, со што директно ќе се помогне во собирањето на неопходните средства.



Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема