X
 01.04.2018 Живот

Како функционира шведскиот здравствен систем?

Разликата помеѓу Шведска и многу други земји е во тоа што редовните медицински прегледи не се норма во Шведска. Наместо тоа, Швеѓаните ги посетуваат докторите кога им е потребен совет или решавање на одреден проблем.

Ако имате шведски личен број, тогаш автоматски сте во системот и ќе имате право на ист здравствен третман и ниски трошоци како и шведските државјани.

Работите се малку покомплицирани ако немате ваков личен број, што може да е случај ако сте во Шведска со виза за привремена работа или ако студирате. Шведска има специјални договори со Алжир, Австралија, Квебек и Израел, така што луѓето од овие земји ја плаќаат истата цена како и шведските граѓани за итна нега, но несубвенционирани трошоци за вообичаена нега. Другите граѓани што не се од земјите-членки на ЕУ плаќаат стандардни трошоци за вонредна и вообичаена нега. Затоа, одлуката да земете здравствено осигурување може да ви заштеди пари на долгорочен план.

Што да правите ако се разболите?


Ако се разболите, еден од првите чекори е да се јавите на 1177: ова е бесплатна телефонска линија за здравствена заштита. Можете да разговарате со сестра или на шведски или на англиски јазик. Линијата е отворена 24/7 и секогаш можете да побарате бесплатен совет. Тие ќе ви објаснат дали треба да побарате лекување и ако треба, каде да се обратите.

Исто така, има доста информации онлајн, на веб-страницата на 1177, што нуди совети за тоа како да постапите.

Во итни случаи треба да се јавите на 112 или во најблиската болница за итна медицинска помош. Но ако се појавите со болест или повреда што не е итна, тогаш ќе треба да чекате подолго време бидејќи итните случаи се приоритет, или може да бидете испратени на друго место.

За итен третман

Ако итно ви е потребна помош, но не ви треба болнички третман, треба да одите во локална единица за итни случаи. Оваа единица обично е отворена до доцните вечерни часови и третираат случаи како потрес, скршена коска, тешки алергии или стомачни проблеми и рани за кои е потребен итен третман.

Случаи што не се итни


Во ситуации кога не е итно, вообичаената постапка е да се јавите во здравствен центар. Ова може да биде различно, во зависност од кој град се јавувате. Исто така, доколку сакате да добиете болнички третман, тогаш добро би било да одите во: husläkarmottagning, familjeläkarmottagning, hälsovårdscentral или distriktsläkarmottagning. Ова се местата каде што треба да се обратите за третирање одредени незгоди.

Закажете третман онлајн или со јавување; често, особено во поголемите градови, ќе мора да го оставите вашиот телефонски број или личен број на секретарката, па да чекате да ви се јават. Возможно е и да се појавите лично и да закажете состанок, а некои центри нудат и време кога ќе можете да се консултирате со доктор и без закажување.

Здравствените центри во Шведска обично се отворени само во текот на денот, но некои остануваат отворени навечер и во текот на викендите.

Колку време треба да чекате за преглед? Тоа зависи од неколку фактори - времето во годината, локацијата, популарноста на одреден здравствен центар и колку е сериозна вашата состојба.

За сите состаноци ќе биде потребно да ја земете вашата лична карта и пари или кредитна картичка за да го платите прегледот.

Трошоци


Шведското здравство не е бесплатно, и покрај тоа што е субвенционирано од државата преку окружни и општински даноци.

Цените зависат од град до град, но обично се плаќаат од 100 до 300 куни за посета на општ доктор, 50 до 220 куни за физиотерапевт или медицинска сестра и 200 до 350 круни за лекар специјалист, вклучувајќи и педијатар или гинеколог. Посетата во ургентно е од 220 до 400 круни, а ако треба да преноќите во болница, се плаќаат околу 100 круни.

Се применуваат некои дополнителни услови, кои варираат во зависност од тоа каде се наоѓате.

Добра вест е што постои ограничување на износот што може да го потрошите, што значи дека ако стигнете до крајната граница, сите следни посети ќе ви бидат бесплатни.

Докторите обично добро зборуваат англиски, но имате право на преведувач, и тоа е бесплатно. Потребно е само да го побарате.

Лекови на рецепт


Регулациите за тоа кои лекови можете да ги земете со или без рецепт варираат. Може да земете лек за болка, за настинка и грип, третмани за кожата и друго. Но ако ви треба рецепт за лекот, ќе мора да посетите доктор. Рецептите се даваат дигитално, така што докторот ќе го поврзе вашиот личен број со бараниот лек, а вие само треба да одите во аптека и да го кажете вашиот личен број.

Лековите на рецепт се плаќаат, но тие се субвенционирани од државата, така што постои граница до 2.200 круни, па ако ја достигнете оваа сума, повеќе нема да ви биде наплатено.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот