X
 01.04.2020 Живот

Италијанец што живее сам на остров вели дека самоизолацијата е можност да се преиспитаме себеси

Повеќе од 30 години Мауро Моранди е единствениот жител на прекрасен остров во Средоземното Море.

Мауро е сам со своите мисли голем дел од неговиот живот, така што знае многу работи што се однесува до самоизолацијата со која се соочуваат повеќето од нас.

Моранди, кој порано работел како наставник, случајно пристигнал на островот Будели, близу крајбрежјето на Сардинија, откако се обидел да исплови од Италија до Полинезија пред 31 година. Тој се заљубил во чистата вода, коралниот песок и убавото зајдисонце, па одлучил да остане.

Набргу потоа ја презел функцијата од негов претходник. Сега, на 81-годишна возраст, Моранди сè уште живее на островот и е познат како италијанскиот Робинзон Крусо.

Секоја ноќ Моранди спие во старата камена куќа, а наутро се буди опкружен со природа. Ужива да ги истражува грмушките и карпите и да разговара со птиците во текот на појадокот додека тие летаат во и надвор од неговиот мал кујнски прозорец.

Моранди постојано ги следи вестите и знае што се случува во Италија и во светот. Вели дека во неговиот осамен свет сега се чувствува како да е на најбезбедното место на планетата. Исто така, тој споделува неколку совети за тоа како најдобро да се соочиме со самоизолацијата.

- Добро сум, не сум исплашен. Тука се чувствувам безбедно. Островот нуди целосна заштита. Воопшто нема ризици. Никој не доаѓа, нема ни бродови што пловат - вели Моранди.

morandi
Фото: Mauro Morandi

Како и за повеќето од нас, главната грижа на Моранди е за благосостојбата на неговото семејство и пријателите - тие живеат во Северна Италија, поточно во Модена, еден од најтешко погодените области во Италија.

За Моранди, животот на островот не е променет со појавата на коронавирусот во Италија, освен што сега мора подолго да чека луѓето да му донесат храна поради острите ограничувања наметнати од владата. Ова значи дека престанаа дури и посетите на туристите во текот на зимата. Низ годините тој се навикна на посетителите, се дружи и понекогаш го дели оброкот со нив.

Тој го поминува денот восхитувајќи му се на морето, дишејќи чист воздух, собирајќи дрва, приготвувајќи го својот оброк и, секако, постирајќи на „Инстаграм“.

- Кога ми е досадно, правам фотографии од плажите, дивиот свет, уредувам слики и потоа ги споделувам на социјалните мрежи и „Инстаграм“. Имам многу следбеници - вели тој.

Моранди смета дека поради вирусот, туристите нема да го посетуваат островот до јули, но тој вели дека тивкото лето и самотијата не го плашат.

Моранди има неколку совети за луѓето што се во самоизолација, и во Италија и во другите места од светот. Тој вели дека неколку недели затворени дома не треба да го вознемируваат човек - сите треба да ја искористат можноста да си ги преиспитаат мислите и чувствата. Ова го кажува од искуство. И покрај тоа што живее слободно на остров, медитеранските зими знаат да бидат многу остри и тој со месеци поминува затворен.

- Секоја зима ја минувам затворен дома, во период од неколку месеци. Речиси и да не шетам по островот, само седам на предниот трем од куќата. Зошто луѓето не можат да останат дома две недели? Тоа е апсурдно - вели тој.

- Читам многу и размислувам. Мислам дека многу луѓе се плашат од читање бидејќи ако почнат, ќе почнат и да размислуваат за работи, а тоа може да биде опасно. Ако почнете да ги гледате работите од поинаков агол и ако станете критички насочени, можете да завршите водејќи мизерен живот, и да откриете дека сте лоша личност или лоши се работите што сте ги направиле - додава Моранди.

Оваа интроспекција на крајот може да биде исплатлива. Моранди раскажува за сопствената трансформација од скитник кој секоја година патувал низ Европа до осамен островјанин.

- Сфатив дека најубавите, најопасните, најавантуристички патувања од сите се оние во себеси, без оглед дали седите во дневната соба или под крошната во Будели. Токму затоа останувањето дома и неправењето ништо се многу тешки за многумина. Повеќето луѓе не сакаат да бидат сами затоа што не се сакаат себеси, а самоизолацијата ги принудува многумина да се соочат со ова - вели тој.

Иако сегашната криза претставува можност луѓето да ги преиспитаат своите животи, Моранди смета дека оваа можност нема да биде искористена од многумина.

Извор: CNN
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот