X
 01.04.2021 Наша тема

Проф. Александар Донев од Институтот за математички науки „Курант“ во Њујорк: Учениците повеќе ќе ја сакаат математиката ако учат за нејзината модерна примена

Во САД студирањето е повеќе фокусирано и студентите 100 отсто од своето време го минуваат во универзитетските кампуси затоа што се постојано ангажирани со часови и практични активности. На студентите во математичките науки им плаќаме стипендија со цел да бидат фокусирани само на едукација и на научно-математички истражувања, вели Донев

Институтот за математички науки „Курант“, како дел од Универзитетот на Њујорк, е една од најпрестижните математички школи и истражувачки центри за математички науки во светот. Истражувањата за применета математика на овој универзитет се најдобро рангирани во САД и меѓу петте најцитирани во светот, а дел од тимот на институтот е и професорот Александар Донев од Македонија.

Александар Донев дипломирал физика на Универзитетот „Мичиген Стејт“, а докторирал применета и компјутерска математика на Универзитетот „Принстон“. Истражувањата на професорот од Велес се насочени во областа на применетата и компјутерската математика, компјутерската наука за материјалите и компјутерската физика. Тој работи на развој на широко применливи математички и алгоритамски методологии за моделирање комплекси природни системи и нивна практична примена во науката и инженерството.

Како почна Вашата животна приказна, што Ве наведе да заминете за САД?

- Јас бев заинтересиран за физика и математика уште додека учев во основното училиште во Велес, „Св. Кирил и Методиј“, одев на многу натпревари во Македонија и надвор од земјата. Знаев дека сакам да бидам научник и дека во САД има најдобри можности за изучување на физиката. Во средно училиште, на часовите по англиски имавме и наставник од САД, Џим Енџел, кој беше волонтер на Мировниот корпус во Велес. Му помагав со преводите на македонски јазик и така станавме пријатели. Тој ми помогна да аплицирам на некои универзитети во САД.

Почнавте со студии по физика, но на крај ѝ се препуштивте на математиката. Зошто ја одбравте математиката како наука?

- Јас сум сега професор по математика, но истражувањата ми се фокусирани на физика и наука. На млади години се фокусирав кон компјутерите и програмирањето, па затоа навлегов во полето на компјутерската физика и најдов ментор на универзитет и почнав да работам на некои истражувања во неговата група.
Кога дојде време да аплицирам на постдипломски студии, видов дека на одделите за физика немаше многу интерес за применета математика. На почетокот од овој милениум на повеќе универзитети во САД почнаа да се отвораат оддели и институти за применета и компјутерска математика и решив да добијам докторат во таа нова област. Тоа беше добра одлука затоа што знаењето ми дозволи да ги комбинирам физиката и применетата математика.



Во која област сега работите, кое е, според Вас, најважното истражување на кое сте работеле досега?

- Истражувам во применета и компјутерска математика со фокус на физика на меки материјали. Не би можел да кажам кое е најважно истражување во мојата работа, тоа времето ќе го покаже. Секој научник тука е фокусиран на таа тема што ја студира и во моментот тоа му изгледа најважно.

Какви услови нуди универзитетот во кој работите, било за наставниот кадар било за студентите?

- Предавам и работам во Институтот за математички науки „Курант“, кој е еден од најпознатите институти за применета математика во светот. Имам многу колеги што се светски експерти и кои ми помагаат кога имам прашања за некое истражување. Имаме мала програма за докторски студии, доаѓаат околу 15 нови студенти секоја година, меѓутоа, добиваме ученици кои се помеѓу најдобрите студенти во светот. Јас имам можност да работам како професор и како ментор во нивните истражувања и тоа го доживувам како награда за мојата работа.
Предавам во голем универзитет кој е фокусиран на научни истражувања. Држам еден до два часа секој семестар, а најголемиот дел од времето го минувам во научно истражување. Исто така, ангажиран сум и во Институтот во делот на организирање на програмите и едукативниот систем.



Што го прави високото образование во САД различно од другите места во светот?

- Има повеќе разлики со другите образовни системи. Во САД студирањето е повеќе фокусирано и студентите 100 отсто од своето време го минуваат во универзитетските кампуси затоа што се постојано ангажирани со часови и практични активности. На докторски студии постои една разлика. Ние тука ги комбинираме заедно магистратурата (master studies) и докторските студии (PhD studies) со циклус од четири до пет години. На студентите во математичките науки им плаќаме стипендија со цел тие да бидат фокусирани само на едукација и на научно-математички истражувања.

Кај нас интересот за математиката е на основно ниво. Што е тоа што математиката ја прави интересна како наука, како би можеле да ја засакаме малку подлабоко и да не ја сфаќаме само како средство за извршување операции во секојдневните обврски?


- Компјутерската и применетата математика се наоѓаат насекаде околу нас, во средината во која живееме и ако учениците почнат да учат за тие примени на математиката како наука, ќе видите дека ќе бидат позаинтересирани. На пример, кога отвораме фотографија на нашиот мобилен телефон, модерната или применетата математика ни помага да можеме да ја компресираме фотографијата од неколку мегабајти во JPG-формат. Без математика не би можеле да гледаме филмови преку интернет и да добиваме прогноза за времето, да летаме со авион, да градиме мостови итн.

Го следите ли општествено-социјалниот живот кај нас, разговарате ли за збиднувањата во Македонија со колегите и пријателите?

- Јас сум во Соединетите Држави повеќе од половината од мојот живот и веќе сум американски државјанин. Мојот контакт со Македонија се моите родители, кои сè уште се во Велес. Се враќам во родниот град кога можам за да ги посетам. Мојот живот е тука, во Америка, но Македонија е дел од мене. Често готвам специјалитети што сум ги научил од мојата мајка. Ја сакам и ја почитувам македонската и воопшто балканската народна музика и честопати посетувам концерти тука во Њујорк.


Секогаш ужива во моментите со семејството / Со внуката

Не можеме да го избегнеме прашањето за пандемијата. Колку оваа болест го смени животот, дали се доволни рестриктивните мерки, како се работи (онлајн) и дали сметате дека вакцината ќе го нормализира животот наскоро?

- Јас многу патував пред пандемијата поради работни обврски, но и како турист. Лично, пандемијата беше голема промена за мене затоа што ме спречи да го правам тоа што го сакам. Имам предавања онлајн и зборувам со моите постдипломци за истражувањата преку „Зум“, но тоа е потешко затоа што немаме никаков контакт.
Имам многу пријатели во Калифорнија кои не сум ги видел цела година. Во САД вакцинирањето се забрзува и мислам дека до јуни ќе бидеме вратени поблиску до нормалата. Имам многу ученици од странство кои сè уште не можат да се вратат во САД и навистина не знам кога ќе почнеме физички да одржуваме настава.

Дали Вие и колегите досега сте направиле некакво математичко истражување кое медицината го искористила или би можела да го искористи, особено епидемиолозите?

- Јас лично не работам во полето на епидемиологијата, но имам голем број колеги во применета математика и физика кои истражуваат аспекти од Ковид-19. Често се одржуваат онлајн-семинари на кои научив за многу примени на математиката во анализите и предвидувањата на пандемијата.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема