X
 01.05.2018 Живот

CV на самохраниот татко Лазар што треба да служи за пример за секој од нас

Лазар Костиќ веќе долго време се претставува како Лаки, таткото на Сара, иако цела Србија го знае како Супертато - откако на социјалните мрежи почна да се врти фотографијата на која Сара и нејзиниот татко шетаат по улица со розoви крилја.

Сликата станала уште помоќна по откритието дека Лаки е самохран татко.

„Самохраниот родител има и премногу задачи, дека е тешко - тешко е. Те стигнува и уморот и сè. Но кога ќе ја слушнам нејзината насмевка, кога ќе ме прегрне и ќе започне да ми пее приспивна песна, ова ми ја враќа силата! Каква и да е ситуацијата, со детето е најубаво“ - објаснува Лазар, кој има и свој блог каде што ги споделува искуствата.

Едно од тие искуства е и барањето работа, а „CV за самохрани татковци“ има цел на работодавците да им покаже какви се самохраните родители како работници и кои се нивните квалитети и предности.

CV на самохран родител


Име и презиме: Самохран Родител

Квалитети и карактеристики: Организираност, точност, снаодливост, упорност, трпение, искреност, психологија и педагогија, управување со финансии...

Организираност - Месеци, години наназад сме самохрани родители. Со оглед на тоа што сами ги извршуваме обврските во текот на денот, со текот на времето ни премина во навика да ги завршиме задачите во рекорден рок и да се организираме, така што ќе успееме да направиме сè.

Сигурно дека во ваш интерес е работниците да умеат сами да се организираат како што треба и сè да завршат правилно. Треба да знаете дека имаме научено сè да правиме како што треба.

Точност - Се знае кога е појадокот, ручекот, вечерата, кога се ужините. Се знае и кога се будиме и кога спиеме, кога се капиме. Како самохрани родители, научивме да бидеме точни и покрај милион обврски, работи што треба да ги завршиме.

И навистина, завршуваме сè, некогаш и пред рокот. А вие барате работници кои не доцнат со обврските и роковите.

Снаодливост - Колку само изненадни проблеми, ситуации, прашања, случувања. Секојдневно излегуваат барем три непланирани работи. Бидејќи ние на децата сме им единствени, снаодливоста да средиме, поправиме, испегламе ни премина во навика.

Упорност - Покрај децата, со децата... Колку пати детето барало нешто да направиме, а ние не сме знаеле, па детето е тажно, па сме се обиделе повторно и повторно. Така со месеци, години, секој ден, научивме да бидеме упорни. Заинтересирани сте меѓу вработените да имате личност која нема да се откаже сè додека не успее?

Трпение
- Деца како деца, многу работи допрва треба да ги научат. Постојат многу примери во кои децата нè учеле на трпение - нема брзање, не смее ништо да биде набрзина.

Искреност - Повеќе сакам да се дружам со децата отколку со возрасните бидејќи децата не умеат да лажат и секогаш се искрени. Исто така, секој своето дете го воспитува да не лаже, така што и ние самите не смееме да лажеме. Со тоа, оваа особина ни премина во навика, па и ние никогаш не лажеме и сме искрени.

Психологија и педагогија - Околу оваа наша предност би можел цел текст да напишам. Имено, поради самата ситуација во која се наоѓаме, многу размислуваме што да им кажеме на децата кога некогаш ќе сакаат нешто, кога нешто ќе бараат. Честопати, сето тоа се сведува на 50 барања во еден ден, а не можат да добијат сè. Можеби не завршивме образование за таа психологија и педагогија, но дефинитивно секојдневно ги вежбаме овие работи.

Замислете состанок и како покрај себе имате некој од нас кој ќе умее да влезе во главата на луѓето и веднаш ќе знае како да преговара. Верувајте, месеците, годините зад нас нè претворија во експерти за психолошки игри.

Управување со финансии - Намерно оставено за крај, бидејќи ова е можеби нашата најсилна предност. Зошто? Затоа што во семејствата со двајца родители е полесно бидејќи се присутни две плати, додека кај нас е присутна една, а често и ниедна. Замислете дека имате дете на кое секогаш му е потребно сè, често бара многу работи, а парите се минимални.

Години поминати во вакви услови нè научија паметно да трошиме, бидејќи токму поради овие деца, не сме во можност сите средства да ги потрошиме веднаш, мораме да се грижиме и за утре и за наредниот ден и за деновите до следната плата...

Минималните средства, а големи потреби, со текот на времето го совладаа балансот на трошење и потребите. Всушност, морам повеќе пати да напоменам дека не постои подобра личност за финансии од нас, а тоа го покажуваат и нашите домови.

Бидејќи управувањето со финансии ни е во крвта, имаме мерки за штедење и паметно трошиме.

Секој заслужува можност. Не треба да судите. Навистина сметам дека е неправедно да се одбие кандидат за работа само затоа што е самохран родител. Можеби тоа може да се нарече и дискриминација, но нема да се тужиме, немаме време за тоа. Само сакаме да работиме, сакаме можност да се докажеме.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот