X
 01.05.2023 Живот

Експерт за помнење открива како да запомните речиси сѐ

Д-р Гери Смол, експерт за помнење, нуди научно поддржани стратегии за зајакнување на меморијата.

Не можете да се сетите на серијата на „Нетфликс“ и на имињата на актерите? Ако сте имале вакви моменти, не сте сами.

- Речиси секој се бори со некоја форма на губење на меморијата пред да достигне средовечност - вели Гери Смол од катедрата за психијатрија во Медицинскиот центар при Универзитетот „Хакенсак“.

Во националното истражување на „Галуп“ спроведено на 18.552 возрасни лица во САД, на возраст од 18 години и нагоре, истражувачите откриле дека околу 14 отсто од најмладата група (18-39 години) се пожалиле за нивното помнење.

Се чини дека проблемот се влошува со зголеменото време пред екраните и лошиот избор на начин на живот. И покрај ова, можете да се борите против заборавањето.

Во една неодамнешна епизода од поткастот „Write About Now“, д-р Смол сподели неколку техники за градење меморија кои ќе го направат вашиот мозок посреќен.

Зошто меморијата ни е послаба?

За да разбереме зошто ги забораваме работите, треба да разбереме како воопшто ги памтиме.

- Меморијата има две главни компоненти: учење и потсетување. Треба да ги внесете тие информации во вашиот мозок за да можете да ги вратите - објаснува д-р Смол.

Но, секој што поминал време пред паметен телефон, компјутер или социјални медиуми знае колку сето тоа може да го одвлече вниманието.

- Ако не го фокусирате вашето внимание, никогаш нема да ги внесете тие информации во вашиот мозок. Постојано сме бомбардирани со сѐ повеќе и повеќе податоци. Ова често води до преоптоварување со информации, што веројатно го намалува процентот на стимули кои влегуваат во нашите краткорочни и долгорочни сеќавања - вели експертот.

Меморијата се намалува поради депресија

Нездравиот начин на живот е уште еден важен фактор за губење на меморијата. Прејадувањето и недоволното спиење може да доведат до проблеми како дијабетес, дебелина и срцеви заболувања. Таквото однесување може да влијае и врз здравјето на нашиот мозок, вели д-р Смол.

- Тие предизвикуваат вашиот мозок да почне да старее предвреме - истакнува тој.

И нашето ментално здравје страда. Многумина се депресивни поради пандемијата, исцрпеноста на работа, цените на бензинот и општо животот во 21 век.

- Кога имаме чувства на депресија и продолжена анксиозност или стрес, стануваме расеани и нашите способности за меморија се намалуваат - објаснува д-р Смол.

Како да ја подобрите вашата меморија?


Постојат ефективни начини за враќање на меморијата во првобитната состојба.

Претпоставката е дека ако можете да направите нешто значајно, тоа ќе стане незаборавно. Како функционира?

Прво, забавете, забележете и фокусирајте се на она што сакате да го запомните

Добијте ги сите детали, како што се ново лице, разговор или насоки до нова локација.

Снимка: Направете ментална снимка од она што сакате да го запомните. Мозокот има природна способност визуелно да запомни нешта, па искористете го тоа. Да речеме, на пример, дека запознавате некого и сакате да се сеќавате на него. Менталната снимка може да биде фризура или насмевка на една личност.

Поврзете ги тие ментални снимки за паметење почнувајќи од првата слика, која е поврзана со втората итн.

Вежбајте


Истражувањата покажуваат дека вежбањето ја зголемува функцијата на меморијата. Истражувањето од Универзитетот во Илиноис покажа дека кога вежбате, вашето тело произведува невротрофичен фактор добиен од мозокот, кој д-р Смол го опишува како „ѓубриво за вашите мозочни клетки“. Дури и брзото пешачење од 20 минути дневно го намалува ризикот од Алцхајмерова болест, истакнува д-р Смол.

Спијте повеќе

Несоницата е непријател на меморијата. Кога не спиеме доволно, ја исклучуваме нашата способност да се концентрираме и да запомниме нешта. Д-р Смол препорачува седум до осум часа сон секоја вечер. Тој, исто така, советува да не се премногу кофеин, што нѐ прави раздразливи и расеани.

Јадете повеќе храна со антиоксиданси

Дебелината може да предизвика когнитивно оштетување, вели д-р Смол. Тој препорачува избегнување на преработена храна, како што се рафинираните шеќери, кои се лоши за мозокот.

Оксидацијата предизвикува и абење на мозочните клетки, затоа обидете се да јадете храна богата со антиоксиданси, како што се риба, јаткасти плодови, маслиново масло и авокадо.

Тренирајте го вашиот мозок

Исто како што ги вежбаме нашите мускули, треба да го тренираме и нашиот мозок. Сфатете го тоа како 24-часовен фитнес за хипокампусот.

Според д-р Смол, информациите во нашиот мозок минуваат низ милијарди екстензии на мозочни клетки, слични на гранките на дрвото. Без употреба, нашите екстензии може да се намалат или атрофираат. Но, кога ги вежбаме, нивните врски остануваат активни додека пренесуваат нови информации.

Ментално стимулирачките активности може да вклучуваат игри со зборови и крстозбори, слушање музика, пишување дневник и решавање загатки.

Во својата книга, д-р Смол предлага некои алатки за зајакнување на меморијата, вклучувајќи ја оваа вежба: Земете парче хартија и пенкало и обидете се да го напишете вашето име со вашата недоминантна рака (т.е. левата рака ако сте десничар). Сега земете уште едно пенкало и обидете се да го напишете вашето име користејќи ги двете раце истовремено. Сега пробајте да го напишете вашето презиме.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот