X
 01.06.2019 Живот

Филипините ѝ враќаат контејнери со ѓубре на Канада

Филипините вратија тони ѓубре во Канада, по еднонеделна дипломатска расправија во која претседателот Родриго Дутерте се закани дека ќе отплови до Канада и таму ќе го фрли отпадот.

Филипините велат дека ѓубрето било лажно означено како пластична рециклажа кога било испратено во Манила во 2014 година. Канада се согласи да ги покрие сите трошоци за пренесување и отстранување.

Околу 69 контејнери со отпадоци биле вратени од товарен брод што отпловил од Субик Беј, северно од Манила.

- Чао, чао - напиша на својот твитер-профил секретарот за надворешни работи на Филипините, Тед Лосин Џуниор. Министерот објави и слики и видеа од бродот кој го напушта пристаништето.

Околу 1.500 тони ѓубре ќе бидат испратени во канадскиот град Ванкувер за да бидат третирани во фабрика и од отпад да бидат претворени во енергија.

- Ова е демонстрација дека ќе ги усогласиме нашите меѓународни обврски за справување со отпадот што потекнува од Канада - изјави Шин Фрејзер, канадскиот секретар од министерството за животна средина.

Тој рече дека Канада за брзо време се справила со ова прашање, што се одложувало неколку години откако владата на Филипините нагласи дека ова е сериозен приоритет за нив.

Сè поголем број земји низ Југоисточна Азија ги повикуваат западните земји да си го земат назад ѓубрето испратено до нивните брегови, тврдејќи дека дел од него е нелегално увезен.

Ѓубрето извезено од развиените земји било откриено откако Кина, која со години увезувала, воведе забрана за „странско ѓубре“.

Како резултат на тоа, ѓубрето, понекогаш лажно декларирано дека може да се рециклира, било испратено во други земји во развој.

Официјалните претставници на Филипините први го покренаа проблемот со отпадот со Канада во 2014 година, велејќи дека контејнерите со погрешно декларирана етикета биле испратени помеѓу 2013 и 2014 година.

Манила вели дека контејнерите, на кои пишувало дека содржат рециклирачка пластика, всушност содржеле тони отпад од домаќинствата. Во 2016 година судот на Филипините наредил ѓубрето да биде вратено во Канада на сметка на увозникот. Истата година Канада ги измени своите регулативи околу пратките за опасен отпад за да спречи да се повтори инцидентот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот