X
 01.06.2020 Живот

Придобивките од времето поминато во природа траат со месеци

Придобивките за човекот од едноставниот дневен контакт со природата може да траат со месеци, штом еднаш ќе бидат иницирани, се вели во рецензија спроведена од „Вајлдлајф трастс“. Рецензијата е базирана на истражувања спроведени од луѓе што учествувале во предизвикот „30 дена дивина“.

Истражувачите од Универзитетот во Дерби ги оценувале одговорите на анкетата направена на повеќе од 1.000 луѓе во период од пет години и тие ги откриле трајните ефекти врз благосостојбата на луѓето преку учеството во предизвикот „30 дена дивина“ - позитивните ефекти се чувствувале и по два месеца од завршувањето на предизвикот.

На учесниците им биле дадени идеи, табели и листови со активности за сите лесни начини за уживање во природа, без оглед на нивната локација. Овие „случајни акти на дивина“ се движеле од одење боси низ трева до седење под дрво и набљудување птици.

Резултатите тврдат дека учеството во програмата не само што значително ја зголемило благосостојбата на луѓето и им го засилило чувството за природа - туку и овие позитивни зголемувања биле присутни и по минимум два месеца од завршувањето на предизвикот.

Луѓето што имале најголема корист од предизвикот биле оние што на почеток имале релативно слаба врска со природата.

природа
Фото: Pixabay

Од кандидатите било побарано да ги оценат своето здравје, поврзаноста со природата, среќата и однесувањето кон природата пред почетокот на предизвикот, а потоа и на почетокот од јуни, кога завршил предизвикот и уште еднаш во септември, по два месеци од завршувањето на предизвикот.

Оние учесници што имале најмала поврзаност со природата пред предизвикот добиле најголеми придобивки со учеството.

- Оваа петгодишна процена на „30 дена дивина“ донесе извонредни резултати - ја покажува позитивната моќ од едноставно уживање во природата. Бевме воодушевени кога видовме дека подобрувањата на здравјето и среќата на луѓето беа присутни и по два месеци од завршувањето на предизвикот - вели Мајлс Ричардсон, професор по човечки фактори и поврзаност со природата на Универзитетот во Дерби.

- Истражувањето покажа дека едноставните работи за уживање во природата може да донесат значителни придобивки. Она што навистина се истакна беше дека луѓето кои на почетокот немаа никаква врска со природата извлекоа најголема полза од учеството - додава тој.

Над 1 милион луѓе зедоа учество во „30 дена дивина“ во последните пет години. 2019 година беше најуспешна досега, привлекувајќи 400.000 учесници. Овој јуни од „Вајлдлајф трастс“ веруваат дека предизвикот ќе се покаже попопуларен од кога било, со оглед на тоа што Британците се соочуваат со социјални рестрикции, така што луѓето бараат начин да си ја подобрат својата благосостојба.

Извор: Workplaceinsight.net
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот