X
 01.07.2018 Наша тема

Велосипедизам: Автомобил убаво ме собра во Маџари – среќа што останав жив

Решив да го заобиколам автомобилот и кога поминав покрај возачот, тој одлучи да излезе. Ја отвори вратата без да погледне во ретровизорот. Ме удри во воланот, изгубив контрола над велосипедот и се струполив на втората лента


Возиш велосипед. Во центарот на Скопје или некаде на автопат. Наеднаш некој отвора врата од автомобил. Сфаќаш како се чувствувал митскиот Икар кога сонцето му ги стопило крилјата. Или уште полошо, некој возач едноставно решил дека нема да го почитува знакот. Мрак пред очи... Се будиш во болница.

Фото: Тоше Огњанов

Како е да си велосипедист во Македонија? Веќе една деценија сите градоначалници во Скопје најавуваат метропола со вело-култура, се субвенционира купување нов велосипед, а велосипедски патеки тек-тук, понекоја, најчесто покрај булеварите во градот. Од друга страна, гледате велосипедисти кои брзаат по коловозот иако покрај нив има велосипедска патека. Но, на неа пешаци, по тројца во ред смирено си одат. До нив пешачката патека – празна. Едноставно, во градот малкумина ги почитуваат сообраќајните патеки и знаци.

Убедливо најлошо им е на спортистите. Тие не ни имаат каде да тренираат на долги патеки, а кога возат на автопат, добиваат казни бидејќи е забрането на автопат да се движиш со велосипед.

Да се зголемат казните за сите што не ги почитуваат велосипедистите

Данчо Ѓорѓијевски веќе неколку години се занимава со триатлон (пливање, трчање, велосипедизам).
- Возењето велосипед ми е секојдневие. Не возам низ град зашто тренинзите се изискувачки и подразбираат долги километражи. Морам да возам и на автопат (иако не смеам и си плаќам казни редовно) и во попериферни населби – објаснува тој.

Тренинг на автопат: Данчо Ѓорѓијевски

Вели дека имал среќа што пред неколку години останал жив кога автомобил убаво го собрал во скопската населба Маџари.
- Човекот сврти кога не требаше и беше многу свесен што направи. Излетав неколку метри на патот. Кога се занимавате со овој спорт, нормално е да имате подобар и поскап велосипед. Од инает го истерав случајот докрај и добив обесштетување. Да биде побизарно, вторпат ме собра автомобил на 200 метри од дома. Живеам во Бутел, велосипедските патеки се апстрактна именка. Сообраќајната култура кај нашиот народ е никаква. Имам чувство како ние со велосипедите да сме им непријатели. Јас сум за тоа да се зголемат казните за сите што не ги почитуваат велосипедистите, така може и другите ќе се научат - вели Данчо.

На нула степени ја чекав полицијата да направи записник

Андријана Андова зимава вообичаено поминувала со велосипед во близина на Градската болница во центарот на Скопје. Во еден дел немало обележана велосипедска патека, па морала да одбере дали ќе вози на тротоар или на улица. Одлучила да се движи по улица, на крајот од лентата, до тротоарот.
- Пред мене забележав непрописно паркирано возило со вклучени четири трепкачи и со затемнети стакла. Не можев да видам дали има некој во возилото, дали човекот ќе излегува или веќе е излезен... Решив да го заобиколам автомобилот и поминувајќи покрај возачот, тој одлучи да излезе. Ја отвори вратата без да погледне во ретровизорот. Ме удри во воланот, изгубив контрола над велосипедот и се струполив на втората лента. Среќа во несреќа беше што немаше друг автомобил на таа лента, кој можеше комотно да ме прегази – раскажува Андова.

Ѓорѓијевски со надежни триатлонци

Следувал најмачниот момент, раскажува Андријана.
- Требаше да ја чекам полицијата да дојде и да направи записник додека ми крвавеше брадата, а надвор имаше нула степени бидејќи беше јануари. Бидејќи брадата ми беше расцепена, мораше да ме шијат. Повторно среќа во несреќа беше тоа што Градската болница беше блиску, па тоа веднаш се реши – вели таа.

Паузирала една недела и повторно почнала да го вози велосипедот. Таа го користи велосипедот како превозно средство, а не рекреативно, и не може без него. За неа, не е опција да престане да вози велосипед. По несреќата малку ѝ се препотувале рацете кога ќе поминела со велосипед покрај автомобил, но со време сè поминало.
Андријана вели:
- Никој не ги следи сообраќајните правила - ниту велосипедистите, ниту пешаците, ниту возачите на автомобили. Најчесто го вперуваме прстот кон возачите затоа што се најмногубројни и да, голем процент од нив се однесуваат шерифски, па сите сме оставени на нивна милост или немилост. Но, еднакво виновни сме и ние, велосипедистите и пешаците. Владее колективно непочитување на правилата. Треба да се работи на едукација и секако да се создадат услови. Ако на велосипедистите им се направат соодветни патеки низ целиот град, тогаш треба да бидеме казнети секогаш кога нема да возиме на нив. Ако тротоарите се ослободат од непрописно паркирани автомобили, секој пешак што ќе оди по улица треба да биде казнет. Поборник сум да се воведат казни за секое кршење на правилата и прописите. Но, поборник сум и да се создадат услови за нормално функционирање и движење низ градот и за велосипедистите и за пешаците – вели таа.

Таксистот избега од местото на несреќата

Едно утро, пред неколку години, Тоше Огњанов тргнал на работа со велосипед. Наутро, работен ден, сообраќајниците во Скопје полни со возила. Сè се случило за миг, на булеварот пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.


Тоше Огњанов на офроуд-патека

- Тротоарот беше целосно зафатен од возила (ситуација каква што има и денес, претпоставувам), па бев принуден да возам на самиот коловоз, на десниот раб од сообраќајницата. Во еден миг, на еден-два метра пред мене застана такси-возило и патничката во автомобилот ја отвори задната врата. Немаше време за кочење. Удрив директно во вратата и од силината на ударот излетав од велосипедот и паднав на тротоарот покрај улицата – раскажува Огњанов.

Прва на помош притрчала патничката од такси-возилото, која била видно вознемирена од тоа што се случило, а дошле и други минувачи покрај улицата.
- Но, возачот на такси-возилото избега од местото зашто најголемата вина ја имаше токму тој. Ми го пресече патот каде што возев и не ја предупредил патничката од автомобилот дека доаѓа велосипед. Поради шокот што се случи, во тој миг не се сетив да прашам за која такси-компанија се работи, за да поведам и соодветна постапка против возачот – вели Огњанов.


Фото: Огњанов: Не се откажав од возење велосипед

Во моментот на несреќата најмачна била силната болка од ударот врз бетонот, а потоа и лутината што поради зафатениот тротоар, бил принуден да вози на улица и што таксистот (што ја предизвикал несреќата) не излегол да помогне, туку избегал од местото. Тоше поминал со набиеница на дел од телото и отоци од ударот. За среќа, поминал без скршеници и посериозни повреди.
На прашањето дали сѐ уште вози велосипед, Тоше вели:
– Да. Откако поминаа повредите, продолжив да возам велосипед. Возам, иако знам дека колку и да внимавам, поради сè уште слабата вело-инфраструктура во градот и поради немањето вело-култура кај повеќето од возачите на автомобили, кои ги зафаќаат вело-патеките и тротоарите, можно е повторно да ми се случи „летање“ од велосипед.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема