X
 01.07.2019 Живот

СГИП: Градежниците да не работат на отворено од 11 до 17 часот

Поради најавите за високи температури во наредниот период, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на РМ – СГИП бара работниците да не се изложуваат на отворено, под директно зрачење на сонцето, во периодот од 11 до 17 часот, повозрасните лица, бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работни обврски, како и спроведување проверка на техничко-технолошки колективни мерки за заштита, со адекватна вентилација и по можност климатизација.

Барањето за превентивни мерки при високи температури, како што информираат од Синдикатот, го доставиле до Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Организацијата на работодавци.

Оттаму велат дека барањето за превентивните мерки го доставиле согласно временската прогноза која предвидува топлински бран од повисок ранг, со особено високи температури, до 40˚С, во период од 2 до 5 јули.

- Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за безбедност и здравје при работа, укажуваме дека работодавците од целата држава треба да ги почитуваат општите препораки за заштита на работниците од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање повеќе течности и хигиенски начин на подготовка на храната - се вели во соопштението од овој Синдикат.

СГИП препорачува и бара горенаведените препораки да останат валидни сè додека траат високите температури и државните надлежни органи не донесат официјални упатства.

- Искрено се надеваме на координација помеѓу сите засегнати страни и јавно објавување на вакви барања со апел да го заштитиме здравјето на вработените во градежништвото и индустријата за градежни материјали во услови на топлотен бран - се додава во соопштението.

Од Синдикатот потсетуваат дека безбедноста и здравјето при работа за вработените во нашата држава е исклучително важно право и обврска која мора да се спроведува и почитува.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот