X
 01.07.2021 Наша тема

Варикоцела - фактор за машка неплодност. Зошто се јавува и како се лекува, објаснува д-р Илберт Адеми

Мојот совет до сите млади мажи е да не се срамат и да не се плашат, туку доколку забележат промени во скротумот, губење на либидо и сексуална активност, да се јават веднаш кај уролог

Автор: Прим. д-р Илберт Адеми, хирург -уролог


Терминот варикоцела означува проширување на венскиот сплет (плексус панпиниформис) во скротумот и внатрешната семенска вена (вена сперматика интерна) кои ја одведуваат венската крв од тестисот. Се работи за абнормалност на венскиот крвен систем, т.е абнормално зголемување на вените околу тестисот. Најчесто нема симптоми но е значаен причинител во настанувањето на машката неплодност.
Се јавува кај машката популација помеѓу 15 и 20 година од животот. Во оштата популација се јавува во 10-20% на случаеви а кај неплодни мажи и до 40%.

Значењето на варикоцелата одамна е позната. Во првиот век прв го опишал Целзус. Францускиот најпознат хирург на ренесансата Амброис Паре во XVI век ја опишал оваа абнормалност на крвните садови. Британскиот хирург Барфиелд во XIX век варикоцелата ја поврзал со неплодноста и подобрувањето на неплодноста после хируршката интервенција.


Прим. д-р Илберт Адеми

Зошто се јавува?

Етиопатогенезата на варикоцелата е непозната и се мисли дека е мултифакторијална. Анатомските разлики во венската дренажа помеѓу левата и десната внатрешна сперматична вена (сметајќи за доминација на левостраната варикоцела) и неспособноста на венските валвули што резултираат со рефлукс на венска крв и зголемениот хидростатички притисок се најцитираните теории за развој на варикоцела.

Се појавува по пубертет. Ја делиме на идиопатска или примарна и секундарна варикоцела. Во 98% случаеви се појавува на левата страна, најчесто поради тоа што левата тестикуларна вена се влева во левата ренална вена под директен агол од 90 степени (во нормални околности се влева под околу 120 степени), при што се појавува голем отпор во самата тестикуларна вена која потоа се шири надолу кон тестисот. Десната тестискуларна вена се влева во вена кава инфериор истотака директно под 90 степени, но поретко само во 2% случаеви.
Секундарната варикоцела се појавува кај пациенти постари од 40 години, во состојби кога имаме појава на тумор на бубрег најчесто при хипернефром или ренал сел карцинома. Изолирани случаеви на деснострана варикоцела се многу ретки. Имаме случаеви и на двострана варикоцела. Самите крвни садови во плексус панпиниформис се широки меѓу 0,5-1,5 мм. Дилатација на овие вени повеќе од 2 мм укажува на варикоцела.
Спрема големината ги делиме на:
а) Мали односно I стадиум – вените се приметуваат само при напнување, дигање товар или кашлање
б) Средни односно II стадиум – се дијагностифицираат со палпација на тестиси
ц) Големи односно III стадиум – се вочуваат инспекцијски, со самиот поглед на тестисот.

Знаци што укажуваат на проблем


Варикоцелата е обично без симптоми. Често се открива при испитувања поврзани со неплодноста. Болните понекогаш се жалат на чувство на тежина или тапа болка во скротумот. На палпација, скротумот е налик на вреќа со црви. На кожата на скротумот може да се појави но ретко потење, црвенило и воспаление.

Варикоцелата ја намалува плодноста но не кај сите мажи, а може да доведе дури и до атрофија на тестисот. Температурата во скротумот е за 1-1,5 степени пониска од телесната температура, која е потребна за нормална сперматогенеза. При појава на варикоцела (поради бројните и пошироки вени) се зголемува венската циркулација а со тоа и ослободување на температурата во скротумот со што температурата во скротумот се изедначува со телесната температура а со тоа се намалува и сперматогенезата.

Дијагностицирањето на варикоцелата многу често е доцна, поради тоа што болните поради немање на карактеристична симптоматологија не се јавуваат на преглед. Исто така, често болниот доколку и забележи промени во скротумот, поради срам не се јавува на преглед кај уролог. Прегледите најчесто ги прават при знаци на неплодност односно немање на деца. Во некои предели на нашата држава често преовладува мислењето дека за неплодноста „виновни“ се само жените. Дијагнозата се поставува врз основа инспекциски преглед, палпација на тестисите, ехосонографија, колор допплер ехосонографија на тестиси.
Ако се сомневаме на малигна патологија на бубрегот тогаш потребно е и компјутерска томографија.

Доколку се потврди дијагнозата за варикоцела во однос на плодноста тогаш треба да се направат, спермограм и спермокултура. Се поставува прашањето дали овие пациенти треба да се третираат или не. Понекогаш мажите со голема варикоцела воопшто немаат намалена плодност, а понекогаш оние со мала варикоцела која клинички едвај се забележува имаат значајно намален квалитет на семето.

Лекување на варикоцелата

Варикоцелата се лекува исклучиво оперативно. Индикација за третман имаат оние со намален резултат од спермограмот. Зависно од спермограмот и од степенот на варикоцелата ќе се донесе одлука за начинот на третманот.

Оперативно најчесто се користат овие пристапи : ингвинален (Процедура по Иванишевич), ретроперитонеален односно висока лигација (Паломо процедура), субингвинален и скротален. Денес постојат многу модификации на овие пристапи. Целта е да се подврзат внатрешните сперматични вени. Постои и минимален инвазивен третман а тоа е емболизацијата. А исто така постои лапараскопска лигација на сперматичните вени. Хоспитализацијата на отворените пристапи трае 1-2 дена. Потребно е најмалку 7 дена да се апстенира од сексуален однос.
Контраиндикација за операција имаат младите под 20 години. Но доколку се утврди варикоцела од III степен со наод од спермограм за олиго-азооспермиа и знаци на атрофија на тестисот, тогаш таквите пациенти се должни да се оперираат без оглед дека се помлади од 20-годишна возраст.
Можните постоперативни компликации се инфекција на рана, хематом и реактивна хидроцела.



Резултати по интервенција


После отсранувањето на варикоцелата кај просечно 60-70% на болни доаѓа до подобрување на резултатот од спермограмот, а кај 40-60% дотогаш неплодни мажи, со партнерката може да се постигне бременост. Првите резултати на зголемување на плодноста може да се очекуваат после 3-4 месеци од операцијата.

До денешен ден, не постои евиденција за успешен и моќен медикаментозен конзервативен третман на варикоцелата. Постојат некои докази кои ја подржуваат употребата на антиоксидантите, како што се витамините А, Е, Ц и Б-комплекс, глутатион, Ку-10, карнитин, зинк и селен и др. Постоперативно, и конзервативниот медикаментозен третман може да ги подобри резултатите кај оние со варикоцела од I степен и со наод за олигоспермија. Порано па и сега некои уролози третманот го гледаат во употреба на препарати со Л-Карнитин, витамин Е и некои други антиоксиданси. Л-карнитинот е сосема природен, безбеден и нехормонален биостимулатор кој преку хипофизо-гонадалната оска односно преку стимулирање на лутеинизирачкиот хормон природно го зголемува нивото на тестостерон а исто така квалитативно и квантитативно го подобрува семето.

Мојот совет до сите млади мажи е да не се срамат и да не се плашат, туку доколку забележат промени во скротумот, губење на либидо и сексуална активност, да се јават веднаш кај уролог.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема