X
 01.08.2017 Култура

Кој бил најобразованиот во Крушевската Република?

Крушевчани биле навистина ангажирани. Дури и многу сиромашни семејства се обидувале да ги образоваат своите деца. Првично образованието го стекнувале во Крушево, а потоа во поблиските центри, најчесто во Битола, Солун и во Софија, но се забележуваат и во Атина, Пловдив, Белград, Виена, Букурешт. Дури се сретнуваат крушевчани што докторирале во Лиеж, Белгија, вели м-р Зоран Богески, директор на Историскиот музеј во Крушево


Колку биле учени водачите на Илинденското востание и членовите на привремената влада на Крушевската Република? Кој војвода бил најобразован, каде го формирале своето образование на почетокот на 20 век? Колку крушевчани во тоа време вложувале во образованието на своите деца?

Во пресрет на 2 Август, односно Илинден, еден од најголемите празници на нашата земја, даваме еден поинаков аспект на храбрите илинденци. Бидејќи се многу дејците што во овој период се бореле за правата на македонскиот народ, кој веќе 500 години бил под отоманската власт, во текстот се ограничуваме строго на личности што биле директно вклучени во настаните кои почнале во Крушево на 2 август 1903 година. Какво образование имале претседателот и привремената управа на Крушевската Република, претседателот Никола Карев, Вангел Дину (одговорен за судството), Ѓорѓи Чаче (реквизиција), Теохар Нешков (финансии), Христо Ќуркчиев (градоначалник и одговорен за полицијата), Димитар Секулов (прехрана), Никола Баљу (санитет)?

М-р Зоран Богески, директор на Историскиот музеј во Крушево и докторанд на Институтот за национална историја при Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека, за жал, немаат податоци за образованието на сите. - За Никола Карев има податоци. Тој оформил свое образование во Крушево, по враќањето од Софија се запишал во трети клас во прогимназијата, а потоа го комплетирал образованието во битолската Егзархиска гимназија. Тој од мал оставал впечаток дека ќе биде добар ученик. Забележано е дека уште кога бил мал го нарекувале Даскалчето – вели Богески.

Највисоко образование меѓу војводите имал Тодор Христов-Офицерчето

За останатите членови на привремената управа нема многу податоци.

- За Вангел Дину има повеќе податоци за неговата професија и подоцнежната дејност. Единствено за Христо Ќуркчиев, одговорниот за полиција, а бил и градоначалник во тие слободни денови на Крушево, во неговата фамилија е забележано дека имал завршено француска гимназија во Солун и зборувал француски јазик. За останатите немаме податоци. За Никола Баљу се споменува дека бил учител. Сѐ уште немам одговор која била неговата врска со медицината. Тој имал на располагање двајца лекари. За д-р Никола Димко има материјали кои потврдуваат дека завршил Медицински факултет во Атина. За д-р Батал немаме податоци. Бидејќи бил член на патријаршиската општина, претпоставувам дека и тој своето образование го оформил некаде во Грција – вели Богески.

Тодор Христов-Офицерчето 
Фото: Википедија

Што се однесува до другите војводи, Питу Гули, Ѓурчин Наумов-Пљакот, Ташку Карев и останатите што учествувале во востанието, тие немале некое посебно образование, а некои од нив биле и неписмени.

- Со ретки исклучоци, останатите немаат посебно образование. Питу Гули посетувал т.н. патријаршиско (грчко) училиште, каде што оформил некој степен на образование. Тој се служел со грчко писмо. Кога продавал млеко во грниња, имињата ги бележел со ноже, со грчка азбука. Без оглед на тоа, улогата на војвода се должи на неговото револуционерно војничко искуство. За Ѓурчин Наумов-Пљакот пишува дека бил слабо грамотен. Со највисоко образование меѓу војводите бил Тодор Христов-Офицерчето. Се стекнал со диплома потпоручник. Воено школо учел во Софија. За Атанас Ташку Карев нема податоци за неговото образование, но се сретнуваат податоци дека читал и пишувал. Колку бил писмен, нема податоци, исто и за Христо Тасев-Црниот, Ѓорѓи Стојанов, иако се сретнуваат информации дека сакал да чита и поседувал некаква литература, но тоа не значи дека имал образование – објаснува Богески.

Доктор на науки од Крушево во Белгија

Во тоа време, кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, во Крушево училиштата биле претежно прогимназии - осум класа како денешно основно образование и три класа гимназија. Имало три-четири училишта, бидејќи српското патријаршиско училиште не работело постојано. Прогимназии биле романската патријаршиска, егзархиската и грчката патријаршиска. Во овој период во Крушево имало од 10.000 до 12.000 жители. Бидејќи во овој период градот бил прилично богат, интересен е податокот колку крушевчани вложувале во образованието на своите деца и каде најчесто ги испраќале да учат.

- Како се приближуваме кон илинденскиот и периодот по него, особено средината на 19 век, крушевчани биле навистина ангажирани. Дури и многу сиромашни семејства се обидувале да ги образоваат своите деца. Првично образованието го стекнувале во Крушево, а потоа во поблиските центри, најчесто во Битола, Солун и во Софија, но се забележуваат и во Атина, Пловдив, Белград, Виена, Букурешт. Дури се сретнуваат крушевчани што докторирале во Лиеж, Белгија. Тие најчесто не се враќале во Крушево, останале во светот – вели Богески.

Од овие високообразовани граѓани, најзастепени биле кадрите со воено образование, потоа новинарство, земјоделски науки, општествено-историски науки. Имало многу, но малку од нив се вратиле во родниот град.

И тогаш мозоците се иселувале од Македонија

На прашањето кој бил „најучениот“ крушевчанец околу 1903 година нема одговор, но има за 1868 година, кога веќе се формира егзархиското училиште и народната општина.

- Тоа е Иван или Јован Божинов Шумков, односно Јани Теологос, бидејќи своето образование го формирал во повеќе балкански центри, Србија, Бугарија и завршил во Атина. Подоцна станал директор на егзархиското училиште кога е формирана егзархијата и веќе предава на говорен крушевски јазик, се спротивставува на бугарскиот јазик во наставата – вели Богески.

Образованието не било привилегија само на мажите. Крушевчани ги испраќале на училиште и своите ќерки.

- Потврда за тоа е дека имало многу учителки крушевчанки, а претходно не било така. Но, помасовен е бројот на машките деца. Во врска со образованието постојат многу податоци. Не сум сосема сигурен бидејќи изворите се малку контрадикторни - дека еден вселенски патријарх во Цариград бил роден во Крушево. Тој го комплетирал образованието во странство. Има навистина крушевчани кои благодарение на своето образование, зазеле клучни позиции во Софија, во цела Бугарија, во Русија, Романија, Србија, Грција. Има многу личности што основале фондови, фабрики, дејности во одредени ресори, но сите се претежно во странство, најмногу во Бугарија и во Романија – вели Богески.

Насловна фотографија: Википедија
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура