X
 01.08.2018 Здравје

Драган Костовски, био и неврофидбек терапевт: Хиперхидроза - како да се живее секојдневно со стравот од дамките на облеката

Потењето е природен физиолошки процес чија цел е да ја регулира телесната температура на организмот

Ако прекумерно се потите секогаш кога сте изложени на емоционален стрес или, пак, при благо зголемени атмосферски температури, веројатно страдате од состојба наречена хиперхидроза. Драган Костовски, био и неврофидбек терапевт, вели дека 2-3% од светската популација се соочуваат со овој проблем.

- Некаде во адолесцентните години почнуваат првите симптоми на прекумерно потење под пазувите и на дланките кај децата кои, доколку не се повлечат, остануваат доживотен проблем. При првиот сомнеж дека прекумерно се потиме треба задолжително да се направи консултација со лекар за да се исклучат одредени сериозни живото-загрозувачки болести. Откако ќе се исклучат другите болести, може да бидеме сигурни дека се бориме единствено со хиперхидроза – вели Костовски.


Драган Костовски

Не може да го контролираме потењето

Потењето е природен физиолошки процес чија цел е да ја регулира телесната температура на организмот. Неговиот механизам на дејствување има одбранбена функција од прегревање на телото. Во многу топли простории телото почнува екстремно да лачи пот и со тоа се труди да ја одржи температурната хомеостаза на организмот. На тој начин телото се лади и внатрешните органи остануваат неоштетени, а во спротивен случај, под дејство на зголемена телесна температура, можно е да настанат голем број оштетувања на внатрешните органи.

- Процесот на потење целосно е автономен и не постои можност да биде контролиран од страна на поединецот. Во тој процес учествува АНС (автономниот нервен систем), но постои и една друга психофизиолошка врска во регулацијата на потењето кога и ЦНС (централниот нервен систем) се вклучува во овој процес – вели тој.

Сите ние многу пати во животот сме биле во ситуација кога одредена емоционална состојба на возбуда, на пример, стравот, сама од себе иницира зголемено лачење на пот на дланките, под пазувите или на некој друг дел од телото.
- Токму тоа е моментот што го збунува организмот, па една емоционална возбуда е процесирана како нешто сериозно и живото-загрозувачко, по што ЦНС праќа наредба до АНС да се подготви за опасноста со зголемено лачење пот. Сето ова се одвива несвесно и независно од нашите мисли – објаснува Костовски.


Антиперспиранти, ботокс и јонофореза

Иако медицината е многу напредна во последните години, нема решение за многу состојби, меѓу кои е и хиперхидрозата, вели Костовски. Но, постои помош. Прв избор се антиперспирантите кои се нанесуваат локално и кои во себе содржат алуминиум хлорид како активна состојка која придонесува за затворање на порите од потните жлезди. Со тоа го спречуваат потењето. Заедно со нив треба да се преземат одредени промени во хигиено-диететскиот режим, избегнување алкохол, кофеин, луто... Ако ова не ви помогне, треба да преминете на употреба на антиперспиранти со висок процент на активната компонента алуминиум хлорид, над 20%. Тие се нанесуваат пред спиење, дејствуваат во текот на ноќта, а утрото се измиваат.

- Ботокс-инјекциите се следниот избор за третман на лица што страдаат од хиперхидроза. Ботулинум токсинот случајно бил откриен како третман за лица со хиперхидроза кога се аплицирал за подмладување кај некои пациенти кои истовремено страдале и од прекумерно потење. Во оваа група може да ја споменеме и јонофорезата, слаба електрична енергија во одреден сад со електролит во кој се потопуваат дланките или стапалата за спречување на потењето во овие делови. Помагаат и антихолинергиците, лекови кои дејствуваат на одредени невротрансмитери и со тоа го блокираат потењето. Но, нуспојавите и другите негативни ефекти од овие лекови се далеку поголеми отколку самата хиперхидроза. Последна е опцијата наречена симпатектомија, со која се уништува дел од симпатичкиот торакален нерв и со тоа се спречува инервацијата на одредени регии во кои постои прекумерно потење. Но несаканите ефекти и опасностите од оваа операција се екстремно високи, па ретко кој се одлучува за неа – објаснува Костовски.



Како да се живее со хиперхидроза? Најважно од сѐ е лицето што е засегнато да го прифати проблемот, вели Костовски. Ако кај личноста постои силно изразен срам и страв од капките пот што оставаат траги на облеката, тогаш проблемот станува уште поизразен, а справувањето со хиперхидрозата станува многу сериозен предизвик.

- Психолошката потиштеност повлекува да се избегнуваат важни социјални настани и социјална изолација која негативно влијае врз поединецот. Лицето со овој проблем ќе направи сѐ само за да не биде мета на љубопитните погледи. Од друга страна, постојат луѓе кои иако им пречи оваа состојба, сепак, се појавуваат во јавноста со нивниот проблем. И светските ѕвезди како Хали Бери, Камерон Дијаз, Стив Карл страдаат од ова нарушување, но тоа не ги спречува да бидат успешни личности.
Подготвил: M.A.M.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје