X
 01.08.2021 Наука

Нова биоразградлива пластика се разложува при изложување на сончева светлина и воздух

Пластичниот отпад е толку голем проблем, што во некои делови од светот предизвикува и поплави. Бидејќи пластичните полимери не се распаѓаат лесно, загадувањето со пластика може да затне цели речни корита. Ако стигне до морето, завршува во огромни острови од ѓубре.

Во обид да се справат со глобалниот проблем со загадувањето од пластика, истражувачите развија разградлива пластика која се распаѓа откако една недела ќе биде изложена на сончева светлина и воздух. Ова е многу пократок период од децениите, па дури и вековите што се потребни за разградување на пластичните работи што секојдневно ги користиме.

Во трудот објавен во „Списанието на американското хемиско друштво“ истражувачите детално ја опишаа нивната нова еколошка разградлива пластика што се разложува во килибарна киселина, природна нетоксична мала молекула што не остава микропластика во животната средина.

Коавторот на студијата, Лијанг Луо, научник на Универзитетот за наука и технологија „Хуажонг“ во Вухан, Кина, истакна дека новата разградлива пластика може да се меша со друга пластика за да се направат поиздржливи предмети. Таквите предмети треба да бидат потрајни, а сепак побрзо да се распаѓаат на депониите.

Луо смета дека разградливата пластика може да биде особено корисна во електрониката. При користење, пластиката ќе биде сместена во електронскиот уред и ќе биде заштитена од воздух и сончева светлина, овозможувајќи да трае со години. Кога ќе треба да се фрли во депонија, уредот ќе се скрши и пластиката најверојатно ќе биде изложена на сончева светлина, што значи дека ќе се распадне за неколку дена.

Иако биоразградливата пластика би била чекор во вистинската насока, потребно е да се направи многу повеќе за да се реши проблемот со 10. милиони тони пластичен отпад што секоја година завршуваат во океаните.

Извор: Interesting Engineering
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука