X
 01.08.2022 Економија

13.500 Македонци работеле со привремена работна виза во Германија во 2021

На крајот на 2021 година во Германија имало 13.500 имигранти од Македонија кои престојувале во земјата со привремена работна виза.

Според Статистичката агенција на Германија, бројот на имигранти во Германија се зголемил за трипати последните десет години. На крајот на 2021 во Германија имало 295.000 луѓе со привремени работни визи.

Од овој број, најбројни се жителите на Индија, Босна и Херцеговина и Косово кога се гледаат земјите кои не се членки на ЕУ. На крајот на 2021 година во Германија имало 33.900 жители на Индија со привремени работни визи, 26.300 работници од Босна и Херцеговина, а 19.600 од Косово.

Освен овие земји, бројни се жителите на Србија (17.400), Кина (16.700), САД (16.500), Албанија (13.800), Македонија (13.500), Турција (10.700) и Русија (9.400).

Статистичката агенција вели дека на крајот на 2021 бројот на работници од земји надвор од ЕУ во Германија бил 226 отсто повисок отколку во 2011 година. Од работниците надвор од ЕУ кои се во Германија со привремена виза, 69.900 се дипломирани.

Кога станува збор за земјите од ЕУ, околу 1,65 милиони жители на други членки на ЕУ работеле во Германија во 2021. Најголем број од овие жители се од Полска, Романија, Италија и Хрватска.

Покрај големиот број странски работници, во Германија има околу 1,7 милион празни работни позиции.

Извор: Schengen Visa Info
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија