X
 01.10.2021 Наука

Зошто вакцините против ковид-19 не нѐ штитат трајно?

Потпретседателката на Центарот за истражување и иновации во Вирџинија, Лиза Ли, се обиде да го објасни функционирањето и дејството на вакцината.

Исто така, таа појасни каква е ефикасноста, на пример, на вакцината „Фајзер“.

Кога вакцината „Фајзер“ првпат беше претставена во јавноста, беше кажано дека нејзината ефикасност е неверојатни 95 отсто, што охрабри многумина да мислат дека е пронајден начин да се запре пандемијата.

За жал, тоа сценарио не се оствари бидејќи недоволен број луѓе беа подложени на вакцинација за да се остварат овие оптимистички предвидувања. Исто така, има случаи на инфекција по примање на двете дози на вакцината „Фајзер“, со што се доведува во прашање нејзината ефикасност.

Најновото истражување спроведено во Израел, чија популација во голем процент е целосно вакцинирана со две дози на вакцината „Фајзер“, покажа ефикасност на оваа вакцина е 40,5 отсто.

Зошто првичните истражувања покажаа толку висок процент на заштита?

Ако ги споредиме овие 2 проценти, 95 отсто и 40,5 отсто, разликата е огромна, но ниту еден од нив не претставува вистински резултат на ефектот на вакцинација со вакцината „Фајзер“. За да се разбере огромната разлика помеѓу овие два броја, неопходно е да се одделат концептите за ефикасност и ефективност на вакцината.

Што е ефикасност?


Ефикасноста на вакцината го подразбира нејзино дејство во идеални, строго контролирани услови. Вакцините се инјектирани кај ограничен број пациенти и се следи начинот на кој тие влијаат врз ширењето на вирусот.

Лиза Ли, потпретседателка на Центарот за истражување и иновации во Вирџинија, која работи на истражувања поврзани со ширењето на вирусот повеќе од триесет години, тврди дека многу зависи од тоа колку брзо се шири вирусот и бројот на заразени лица.

- Истражувањето се спроведува врз основа на тоа колку луѓе и колку брзо се инфицираат во отсуство на вакцина. Многу работи зависат од заразеното лице, односно колку добро или лошо нечие тело се бори со присуството на вирусот. Исто така, важно е како телото реагира на вакцината, дали создава одреден имунолошки одговор или не - вели Лиза Ли.

Во третата фаза од студијата за ефикасноста на вакцината „Фајзер“ учествувале 43.448 луѓе, од кои 170 имале симптоми на ковид-19. Само осум од нив ја примиле вакцината, додека 162 добиле плацебо. Оваа студија недвосмислено покажа дека ефективноста на вакцината „Фајзер“ е 95 отсто.

kovid
Фото: Freepik

Оваа ефикасност значи дека лицето вакцинирано со вакцината „Фајзер“ ќе биде заштитено од ковид-19 во споменатиот процент. Многу луѓе се изолираа на почетокот на пандемијата, ги намалија движењата на минимум и носеа маски, што помогна многу вирусот да не мутира премногу.

Што е ефективност?


Од друга страна, ефективноста покажува како навистина функционира вакцината во реалниот свет, надвор од клиничките испитувања.

- Знаете како функционираат работите кога станува збор за масовна примена, во овој случај вакцинација. Не секој пристигна навреме да ја прими втората доза, имунолошкиот систем се разликува од личност до личност - вели Лиза Ли.

Сопирачките попуштија кај многумина, масовните собири продолжија и луѓето повеќе не се грижеа како што тоа го правеа во првиот бран. Сето ова влијаеше врз ефективноста на вакцинацијата и создавањето нови мутации кај вирусите, како што е делта-сојот.

Се покажа дека овој вид е многу позаразен од оригиналната варијанта на вирусот, што значи дека повеќе луѓе ќе бидат изложени на инфекција. Речиси 200.000 вакцинирани лица се заразиле со делта-сојот, покажуваат студиите. Овие резултати беа собрани во јуни и јули 2021 година, кога делта-сојот стана доминантен.

Се покажа дека голем процент од новозаразените лица се оние што ја примиле вакцината во јануари или февруари оваа година, што укажува дека ефективноста на вакцината опаѓа по шест месеци.

Затоа стигна препораката за бустер-доза за сите граѓани постари од 18 години. Третата доза ги штити заразените од можни здравствени компликации и хоспитализација. Исто така, постојат имунолошки клетки кои можат да го заштитат телото од создавање потешка клиничка слика во случај на вирусен напад.

91,4 отсто од вакцинираните нема да имаат тешка форма на болеста

Иако процентот на ефикасност на вакцината „Фајзер“ е намален, истражувањата покажаа дека 91,4 отсто од вакцинираните нема да имаат тешка форма на болеста и ќе избегнат хоспитализација.

Експертите велат дека покрај вакцинацијата, неопходно е да се носат маски и да се одржува физичка дистанца за да се спречи ширењето на вирусот и неговата понатамошна мутација.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука