X
 01.12.2022 Живот

Уставен ја укина одредбата за право на надоместок поради попреченост најдоцна до 65-годишна возраст

Уставниот суд одлучи да го укине членот 44 став 2 од Законот за социјална заштита во делот „најдоцна до 65 годишна возраст“ кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.

-Судот одлучи да ја укине оваа оспорена одредба бидејќи со неа е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните. Оваа одредба е во спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а е опфатена во членот 8 од Уставот - информираше денеска портпаролката на судот, Христина Беловска.

Според Законот за социјална заштита, надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјално вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост, според член 44 став 2 од овој закон, може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65-годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Токму овој став, според Народниот правобранител, е ограничувачки услов за пристап и остварување на правото на надоместок заради попреченост. Посочува дека истиот во себе содржи нееднаквост, односно дискриминирачка одредба кон останатите лица кои го остваруваат ова право.

Народниот правобранител укажува и на потребата од поголемо информирање на лицата со попреченост за начинот на остварување на правото на надоместок заради попреченост и олеснување на пристапот и остварување на правото на паричен надоместок, со цел социјално вклучување и еднакви можности на лицата со попреченост.

Извештајот на Народниот правобранител покажува дека во периодот 2020/21 година, за остварување на правото на надоместок за попреченост по основ на тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепо и потполно глуво лице, од лица на возраст од 26-65 години се поднесени вкупно 7.293 барања. Притоа, од страна на надлежните центри за социјална работа, позитивно е одлучено за 7.142 барања, односно 97, 92 отсто.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот