X
 02.01.2021 Наука

Еве какви настани поврзани со вселената нѐ очекуваат во 2021 година

Сите знаеме дека 2020 година не беше најдобрата година и ќе остане запаметена по пандемијата на коронавирусот, но во поглед на вселенските достигнувања оваа година беше добра. Меѓу другото, „Спејс-Екс“ двапати однесе астронаути на Меѓународната вселенска станица, а НАСА испрати нов ровер на Марс и зеде примерок од астероид. Следната година има потенцијал за уште добри вести во областа на вселената.

„Спејс-Екс“

Откако двапати однесе астронаути на Меѓународната вселенска станица, компанијата планира да продолжи со ваквите мисии во 2021 година. Мисијата „Кру-2“ треба да биде лансирана со четири астронаути од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида оваа пролет, а наесен ќе ја лансира мисијата „Кру-3“.

Компанијата планира и да лансира мисија за компанијата „Аксиом спејс“, освен за НАСА, во 2021. Оваа мисија ќе вклучува и туристи. Едниот турист веќе е познат. Станува збор за Ејтан Стибе, поранешен пилот од Израел.

Во меѓувреме, „Спејс-Екс“ ќе продолжи да ја тестира новата ракетата „Старшип“, која можеби некогаш ќе однесе луѓе на Марс. Илон Маск, извршен директор на компанијата, изјавил дека се надева дека леталото ќе стигне до орбитата во 2021 година. Освен тоа, компанијата планира да постави илјадници сателити во орбитата кои ќе испраќаат интернет-сигнали на Земјата и ќе овозможат пристап до интернет за оние во руралните региони.

„Боинг“

Компанијата потроши голем дел од 2020 година поправајќи го софтверот на своето летало „Старлајнер“, кое имаше проблеми при тест-лет во 2019 година. Компанијата планира повторно да го тестира леталото, без астронаути, на крајот од март. „Боинг“ има договор со НАСА да носи астронаути до вселенската станица, па затоа тестот на леталото мора да биде успешен. Следниот чекор би бил тест-мисија со астронаути на НАСА до крајот на 2021 година.


Фото: Pixabay

„Артемис“

За време на мандатот на Доналд Трамп, САД се вратија на планот да одат на Месечината првпат по последната мисија во 1972 година. Според планот, НАСА ќе се врати на Месечината во 2024 година. Американскиот конгрес одобрил финансии за оваа мисија, но не се знае дали ќе има промени поради менувањето на администрацијата. Засега, ракета на НАСА треба да го лансира леталото „Орион“ во вселената без астронаути до крајот на 2021 година.

Програмата за испраќање луѓе на Месечината се нарекува „Артемис“. „Орион“ треба да кружи околу Месечината во рамките на тест-лет и да се врати дома. Сепак, не се знае дали ракетата ќе биде подготвена.

Ричард Бренсон

Во 2021 година Ричард Бренсон ќе наполни 70 години. Иако тој имал многу авантури во минатото, неговата најголема авантура можеби го очекува во 2021 година, кога треба да оди на границата со вселената во неговиот вселенски авион. Тоа било негова цел уште од основањето на „Вирџин галактик“ во 2004, а по многу одложувања, компанијата е кон крај со плановите да пренесува патници до границата со вселената. Компанијата треба да направи уште два тест-лета пред Бренсон да оди во вселената, а потоа и други „вселенски туристи“.

Освен тоа, компанијата за ракети на Бренсон, „Вирџин орбит“, треба да направи нов тест на ракетата „Ланчер уан“ во 2021 година.

Џеф Безос

Безос имал 5 години кога ги гледал Нил Армстронг и Баз Олдрин како стапнале на Месечината. Неодамна тој изјавил дека „Блу ориџин“, неговата вселенска компанија, е најважната работа на која е посветен. Компанијата планира да го направи првиот тест-лет со луѓе на леталото „Њу шепард“ во 2021 година. Ова летало е дизајнирано да стигне до границата со вселената и назад.

Компанијата планира годинава да ја тестира и ракетата „Њу Глен“ со мотори кои би можеле да се искористат и во ракетата во следната мисија на Месечината.


Фото: Pixabay

Марс и подалеку

На 18 февруари НАСА ќе го слета својот нов ровер на Марс. Роверот „Персевиренс“ ќе го истражува кратерот Џезеро во близина на екваторот на Марс, што е идеално место за барање знаци на живот. Роверот ќе собере примероци кои ќе бидат вратени на Земјата. Заедно со роверот, на Марс ќе слета и дрон-хеликоптер кој ќе се обиде да лета во густата атмосфера на Марс.

Конечно, телескопот „Џејмс Веб“ на НАСА треба да биде испратен во октомври по години подготовки. Од вселената, телескопот ќе може да „ѕирне“ назад во времето и да ја забележи најстарата светлина во универзумот, како и галаксиите и планетите кои се надвор од нашиот Сончев Систем.

Во октомври или ноември, НАСА ќе го лансира леталото „Луси“, кое треба да ги истражува астероидите на Јупитер. „Луси“ ќе патува и истражува 12 години.

Мисии на Кина, ОАЕ, Индија

Во 2021 на Марс ќе пристигне и кинескиот ровер „Тјанвен“. Роверот ќе пристигне во орбитата на Марс во февруари, а ќе се обиде да слета на планетата во април. Во февруари, во орбитата на Марс ќе влезе и мисијата „Хоуп“ на Обединетите Арапски Емирати, која ќе ги истражува климатските и временските услови на планетата, меѓу другото. Во 2021 можеби ќе ја видиме Индија како ја лансира мисијата „Чандрајан-3“, со која ќе се обиде да слета на Месечината.

Други настани

Мисијата „Осирис-Рекс“ на НАСА ќе го напушти астероидот Бену во март, носејќи со себе примероци од површината. Исто така во март, астероидот Апофис ќе помине покрај Земјата на оддалеченост од 16,9 милиони километри.

Во јули НАСА ќе лансира мисија со која ќе тестира менување на насоката на движење на астероид далеку од Земјата, а истиот месец треба да заврши мисијата „Џуно“, која ги истражува месечините на Јупитер. Повеќе мисии ќе поминат покрај Венера во 2021 година, меѓу кои и орбитер на Европската вселенска агенција.

Во 2021 г. Кина треба да лансира дел од својата вселенска станица „Тјангонг 3“.

Кон крајот на 2021 г., НАСА треба да лансира мисија со која ќе се обиде да помине покрај астероидот 1991 ВГ во близина на Земјата.

Извори: washingtonpost.com и forbes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука