X
 02.01.2023 Живот

„Мамо, фала ти што си со мене. Те молам, остани што подолго“

На „Фејсбук“ беше објавен текст кој трогна многу корисници. Авторката Мила Милер го раскажува својот живот со нејзината стара мајка, која живее со неа. Во продолжение следува превод од целиот текст.

„Ја доведов мајка ми да живее кај мене, засекогаш. Ништо не планирав однапред, само еден ден решив и ја донесов, со еден куфер. Во куферот имаше хулахопки, папучи на кои има извезено Најдобра баба на светот (подарок од моите деца), топол домашен фустан, ноќница и, од некоја причина, навлака за перница. Мама сама се спакувала.

Веќе три недели кај мене живее таа стара девојка која како повторно да има четири години. Ситна, со снежнобела пунџа, во хулахопки малку оштетени околу глуждовите, шета по станот, тапка во своите топли папучи. Внимателно ќе застане на прагот на собата, па високо ќе ги подигне нозете и ќе прејде некоја невидлива пречка. Му се смешка на песот во ходникот. Слуша невидливи луѓе и секојдневно ми раскажува новости за нив. Срамежлива е и многу спие. Грицка чоколадо кое секогаш ѝ го оставам во собата и пие чај. Ги држи шолјите со двете раце бидејќи ѝ треперат. Многу се плаши да не ја изгуби бурмата, да не ѝ падне од тенкиот прст, па секогаш проверува дали е на место.


Одеднаш гледам колку е стара и беспомошна. Само се препуштила, се предала и престанала да биде возрасна. Целосно ми го довери својот живот, до најмала ситница. Најсреќна е кога сум дома. Кога ќе дојдам, таа издивнува со толкаво олеснување што се трудам долго да не биде сама. И повторно секој ден готвам супа за ручек, како и на децата во детството, и повторно на масата се појави послужавник со колачи.

Што чувствувам? На почетокот тоа беше ужас. Беше толку независна, три години по смртта на татко ми сакаше да живее сама. Ја разбирав - првпат во животот, во осумдесеттата година, мојата мајка го правеше она што го сакаше. А потоа тој проклет вирус ја скрши мајка ми. Двомесечното боледување си го направи своето и нејзината психа попушти.

Сега чувствувам почит кон тоа кревко, драго суштество. Чувствувам само љубов и нежност. Добро разбирам каде води тоа, но искрено сакам на тој пат таа да биде среќна - покрај саканата ќерка, во топлината и удобноста на мојот дом. Со домашни пити и колачи. Другите работи и онака повеќе не ѝ се важни.

Сега дома имам ќерка од 83 години и среќна сум што Бог ми даде можност да ја усреќам пред заминувањето, а мојот иден живот да биде посмирен, без каење. Мамо, фала ти што си со мене. Те молам, остани што подолго.“

Автор: Мила Милер
Извор: Facebook
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот