X
 02.02.2019 Наука

Луѓето над 40 години треба да работат само 3 дена во неделата

Истражување од 2016 година, објавено неодамна, открива дека од луѓето над 40 години може да се добијат најдобри резултати на работа ако тие работат три дена во неделата.

Истражувањето спроведено од Институтот за применета економија и социјални истражувања на Универзитетот во Мелбурн ги анализирало работните навики на 3.500 жени и 3.000 мажи преку серија когнитивни тестови, како што се поврзување на букви и броеви под временски притисок, читање наглас и рецитирање листа со броеви наназад.

Истражувачите ги зеле предвид факторите - квалитетот на животот, семејните структури, економската благосостојба и вработувањето и откриле дека луѓето што работеле во просек 25 часа неделно имале најдобри перформанси.

Севкупните когнитивни перформанси се зголемувале до моментот кога луѓето ќе направеле 25 работни часа, а од тој момент натаму резултатите на когнитивните тестови почнале да опаѓаат поради стрес и замор.

- Овие резултати покажуваат дека за мажите и за жените се намалува големината на позитивното влијание на работните саати ако тие преминат одреден праг. Освен тоа, дополнителното зголемување на работното време има негативно влијание врз нивното когнитивно функционирање. Тогаш, кој е тој праг?

Со други зборови, кога се менува од позитивно во негативно влијанието на работните саати врз когнитивната способност?

Користејќи ги резултатите од тестот за меморија и церебрална дисфункција кај испитаниците, беше откриено дека работното време од 25 до 30 саати неделно позитивно влијае врз мажите и од 22 до 27 саати за жените. Нашето истражување нагласува дека премногу работа може да има негативни ефекти врз когнитивното функционирање - вели извештајот.

- Многу земји ќе ја зголемат староста за пензија, одложувајќи ја возраста на која луѓето можат да почнат да добиваат пензија. Ова значи дека сѐ повеќе луѓе продолжуваат да работат во подоцнежните фази од нивниот живот - вели Колин Мекензи, професор по економија на Универзитетот „Кејо“.

Степенот на интелектуална стимулација може да зависи од работното време. Работата може да биде меч со две сечила. Може да ја симулира активноста на мозокот, но истовремено долгите работни саати и одредени видови задачи може да предизвикаат замор и стрес, што потенцијално можат да ги оштетат когнитивните функции.

- Ние укажуваме дека разликите во работните саати се важни за одржување на когнитивното функционирање кај средовечните и постарите луѓе. Ова значи дека на средовечна или подоцнежна возраст работата со скратено работно време би можела да биде ефективна во одржување на когнитивните способности - се вели во извештајот.

- Она што авторите го откриваат е дека когнитивното функционирање се подобрува до степен до кој работниците работат 25 саати неделно, а потоа опаѓа. Над 40 саати неделно падот е многу брз - вели Џераинт Џонс, професор по економија на училиштето за менаџмент на Универзитетот „Ланкастер“.

Ако не забават, тогаш луѓето на оваа возраст може да се соочат со многубројни проблеми во животот, како:

- Развивање депресија;
- Замор и недостиг на сон;
- Насочување кон алкохол или дроги за да може да се опуштат;
- Непродуктивност при долго работење;
- Дисфункционални односи со семејството и пријателите.

Голем број научници тврдат дека треба да пронајдеме баланс помеѓу работата и животот и да се промени должината на модерната работна недела за да се заштити нашето физичко и ментално здравје.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука