X
 02.02.2022 Живот

Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола реновирана ќе ги пречека учениците

Единствена образовна институција во земјава во која учеле 5 народни херои и 18 академици

По повеќе децении, првпат целосно е реновира внатрешноста на битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“, која е едно од најпрестижните средни училишта во земјава. Второто полугодие учениците ќе го започнат во реновирано училиште, со подобрени и осовременети услови за учење, откако деновиве надлежните институции треба ја одобрат дозволата за работа.

Објектот е стар 140 години, а со образовна традиција цели 130 години. Темелите на средношколскиот образовен систем на мајчин јазик биле удрени во ова училиште, на 6 февруари 1945, кога се одржал првиот наставен час на македонски јазик во средно училиште во земјава. Ова е единствено училиште кое дало 5 народни херои и 18 академици.



Директорката на гимназијата, Фани Наумовска, соопшти дека со реконструкцијата е извршена замена на дотраените дрвени прозорци со нови, но идентични, со што се зачува автентичноста на објектот кој претставува културно наследство.

- Обновена е електричната инсталација, целокупното осветлување е заменето со економично ЛЕД-осветлување, со што во иднина ќе се намали потрошувачката на електрична енергија. Поставен е нов малтер во целиот објект, а санирани и обновени се подовите во сите простории, училници и административни простории - истакна Наумовска.
Во историја заминаа и старите четвороседни клупи кои беа белег на Гимназија, низ кои поминаа многу генерации, но низ годините се покажа дека не се многу практични.



Набавен е мебел, нови клупи и столчиња за сите училници со исклучок на оние три училници, за кои претходно беше обезбеден мебел преку донации. Кабинетот по информатика е опремен со нови компјутери, кои ќе го олеснат наставниот процес. Сите наставници добија преносни компјутери (лаптопи) за да можат да се подготват и успешно да се вклучат во процесите на дигитализација на образованието. Набавени се и нови нагледни средства за сите активи. Претходно, училиштето веќе имаше набавено телевизори за сите училници.

- Сметаме дека со овие зафати создадовме една попријатна средина за учење и работа на сегашните и идните генерации. Вложувањата треба да продолжат и во иднина, во континуитет, доколку сакаме да бидеме во чекор со современите процеси на образование - рече Наумовска.




Фото: приватна архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот