X
 02.02.2023 Живот

Колку треба да вежбаме во зависност од нашата возраст?

Седентарниот начин на живот е еден од најголемите проблеми денес. Вежбањето е превенција од многу проблеми и болести предизвикани од седењето. Во зависност од вашата возраст, само неколкуминутно вежбање дневно може да има огромни придобивки.

Светската здравствена организација (СЗО) истакнува дека секој четврти возрасен не вежба доволно, додека четири од пет адолесценти не вежбаат доволно. Ако ова се промени, би можеле да се избегнат 5 милиони смртни случаи годишно во светот.

- Редовната физичка активност е клучна за спречување срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и рак, како и намалување на симптомите на депресија и анксиозност, намалување на когнитивното оштетување, подобрување на меморијата и подобрување на здравјето на мозокот - велат од СЗО.

Во продолжение ви претставуваме дел од упатствата на СЗО за тоа колку и каков вид вежби ни се потребни во зависност од нашата возраст.

Деца помали од една година

За малите деца, најважни се менталните вежби и активности како што е зборувањето, како и оние што ги поттикнуваат когнитивниот развој и игрите на отворено. Тие треба да траат околу 30 минути на ден.

Деца од 1 до 2 години


СЗО препорачува минимално три часа дневно физички вежби со секаков интензитет.

Деца од 3 до 4 години

Најмалку 60 минути активности со висок интензитет, додека останатите 120 минути нешто порелаксирано.

Деца од 5 до 17 години

СЗО смета дека се неопходни околу 60 минути аеробни вежби со умерен или висок интензитет. На оваа возраст корисни се и вежбите за зајакнување на коските.

Возрасни од 18 до 64 години

СЗО препорачува 150 до 300 минути умерена аеробна физичка активност неделно за возрасни. Доколку е интензивна активноста, од 75 до 150 минути. Што се однесува до вежбите кои вклучуваат употреба на сила, тие треба да се практикуваат најмалку два или три дена во неделата.

Постари од 65 години


Според СЗО, во оваа животна доба треба да ги следите упатствата за возрасните, но и да ги приспособите на вашата физичка состојба. Од СЗО порачуваат дека има потреба да се фокусираме на подобрување на стабилноста и силата. Тие препорачуваат вежбање три или повеќе дена во неделата.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот