X
 02.03.2019 Наука

На Земјата ќе падне стара советска сонда тешка 495 кг. Дали е опасна?

Во орбитата на нашата планета Земја има сè повеќе и повеќе ѓубре, односно остатоци од поранешни сателити, делови од летала или уреди кои сме ги испратиле во вселената.

Повеќето делови од овој отпад се мали и не претставуваат значителна закана, но некои парчиња што лебдат над нас се навистина големи. Станува збор за објекти тешки неколку стотици килограми или дури и неколку тони.

Еден од таквите објекти наскоро ќе се спушти накај Земјата и прашање е дали тоа ќе биде опасно за жителите на Земјата.

Требаше да оди на Венера

Станува збор за „Космос 482“, советско вселенско летало кое беше лансирано во вселената на 31 март 1972 година. Требаше да оди кон Венера, но се распадна при напуштањето на орбитата.

Дел од леталото падна на Земјата во рок од еден месец по лансирањето, но голем дел сè уште е горе над нас, вклучувајќи ја и сондата за слетување која тежи 495 килограми.

Се очекуваше да падне на Земјата помеѓу 2023 и 2025 година, но, според најновите пресметки, тоа може да се случи и порано, можеби и оваа година.



Зарем нема да изгори во атмосферата?

Многумина ќе се запрашаат во што е проблемот, свесни дека толку многу летала досега изгореле во нашата атмосфера.

Но, тука е малку покомплицирано. Со оглед на тоа дека сондата „Космос 482“ е дизајнирана за слетување на Венера, пеколно жешка планета, се очекува таа да го преживее падот низ атмосферата и да стигне до површината на Земјата во едно парче.

Сестринската сонда на „Космос 482“, „Венера 8“, која е лансирана четири дена претходно, успешно слета на површината на Венера, планета со просечна температура од 462 Целзиусови степени. Таму, што е уште поневеројатно, таа преживеала повеќе од 50 минути, испраќајќи податоци до Земјата.

Значи, тоа е робустен дизајн за кој се претпоставува дека ќе го преживее влезот во атмосферата.



Ја знаеме ли локацијата каде што ќе падне сондата?

Значи, треба ли да се грижиме? Тешко е да се каже, но опасноста за нашите животи е многу мала. Поголемиот дел од вселенските остатоци завршуваат некаде во океаните, со оглед на тоа дека тие зафаќаат најголем дел од површината на Земјата.

Иако ние не сме способни да ги контролираме и утврдиме точните локации каде би паднале сателитите, досега немало жртви поради паѓање на остатоци од вселената и иако за сè има првпат, голема е веројатноста дека ќе бидеме безбедни и дека нема да нè погоди дел од стариот советски сателит.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука