X
 02.03.2019 Образование

Сѐ помалку велшки ученици учат странски јазик

Училиштата и колеџите во Велс се соочуваат со 29 отсто пад на интересот за странски јазици, како што се француски и германски.

Велшката влада соопшти дека новата наставна програма ќе ја подобри ситуацијата.

Анкетата спроведена од Би-би-си ја одговориле повеќе од половина средни училишта и колеџи во Велс, а открива дека една третина од училиштата повеќе не нуделе странски јазици во последниве пет години. Наставниците велат дека перцепцијата дека современите јазици се премногу тешки влијаела врз одлуката на учениците.

Анкетата открила:

- 71 отсто од испитаниците изјавиле дека приоритетните предмети во распоредот, како математика, наука, довеле до намалување на изучувањето современи странски јазици;

- 35 отсто од училиштата престанале да нудат еден или повеќе јазици;

- 57 отсто пријавиле намалување на бројот на часови по современи странски јазици кај учениците од 11 до 14 години;

- 77 отсто одговориле дека перцепцијата дека предметот и тестовите се многу тешки е клучната причина, а 57 отсто изјавиле дека учениците биле помалку заинтересирани за изучување јазик;

- 37 отсто пријавиле пад на бројот на патувања во други земји, посети и размени, додека 43 отсто изјавиле дека нема промени;

- Една четвртина изјавиле дека училишниот буџет за современи странски јазици бил значително намален, а 36 отсто изјавиле намалување кај специјализираниот наставен кадар.

jazik
Фото: BBC

Некои училишта изјавиле дека современите странски јазици се натпреварувале со велшкиот јазик за простор во распоредот, додека дополнителните часови за англиски и математика исто така правеле проблеми и не оставале простор за странски јазици.

Велс забележал најголем пад кај учениците што учат странски јазици отколку во кој било друг дел од Велика Британија - Англија забележала пад од 11 отсто во последните пет години, додека Северна Ирска 12 отсто, а 19 отсто Шкотска.

Единствен наставник по германски јазик

Алисон Меклеод и уште еден колега во  училиштето „Каерлеон“ во Њупорт се единствените наставници по германски. Ова училиште нуди два странски јазици и посета во Берлин по првото полугодие, за која Меклеод вели дека е особено важна за младите луѓе да го прифатат јазикот. Но, според неа, притисоците што ги носи распоредот се огромен предизвик.

Од велшката влада соопштија дека сакаат сите ученици да ја разберат важноста на јазиците.

- Прифаќаме дека постојат реални предизвици и затоа, според наставниот план на Велс, сите ученици ќе почнат да учат меѓународни јазици од многу порана возраст. Вложивме 2,5 милиона фунти во планот чија цел е да ја зголеми употребата на современите странски јазици - велат од владата.

Што велат наставниците?

- Учениците сега велат дека не сакаат да учат јазик бидејќи тие „веќе учат јазик - велшкиот“.

- Премногу време и внимание им се придава на англискиот јазик и на математиката, па така има повлекување на други предмети.

- Учениците се охрабруваат да избираат лесни предмети, предмети за кои помалку ќе работат за повисока оценка.

- Премногу негативен став. Предметот се смета за премногу тежок и без значење.

- Се чувствувам како да морам да ги молам децата да изберат германски. Ниту еден друг предмет не треба да го прави ова!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование