X
 02.04.2018 Забава

Првоаприлски шеги на кои наседнале милиони луѓе

Први април е резервиран за шеги, па секоја година на овој датум луѓето прават интересни, безопасни шеги и се обидуваат меѓусебно да се излажат. Оваа традиција датира уште од 19 век, но денот никогаш не бил прогласен за празник.

Некои весници, магазини и други медиуми на први април имаат обичај да објават лажни вести и приказни, со објаснување дека станува збор за шега, демантирајќи ја веста наредниот ден.

Но во некои случаи ваквите шеги биле премногу успешни - толку многу што милион луѓе ги сфатиле  сериозно. Ова се најдобрите.

1. Берба на шпагети во Франција, 1957 година



Почитуваното шоу „Панорама“ на Би-би-си објави вест дека швајцарските фармери, благодарение на благата зима и елиминацијата на штетниците, имале огромна берба на шпагети. Веста била проследена со фотографии од швајцарските селани како собираат шпагети од дрвјата.

Голем број гледачи поверувале во веста. Многу од нив дури и се јавиле во Би-би-си и прашале како се одгледуваат шпагети на дрво, на што телевизиската куќа одговорила: „Ставете една нишка шпагети во конзерва од сос од домати и надевајте се на најдоброто“.

2. Инстант ТВ во боја, 1962 година


Шведската телевизија во студиото го донела техничкиот експерт Кјел Стенсон за на гледачите да им ја објасни новата технологија со чија помош црно-белата ТВ-слика се претвора во боја. Она што гледачите требало да го прават е да земат неколку пара хулахопки и да ги стават на екранот.

Интересно е тоа што Стенсон го демонстрирал процесот, а илјадници луѓе сето тоа го сфатиле сериозно.

3. Ерупција на планината Еџкумб, 1974 година


Жителите на Стика во Алјаска се пробудиле со доста вознемирувачка глетка. Облаци од црн чад излегувале од кратерот на планината Еџкумб, каде што имало вулкан.

Луѓето излегле на улиците за да видат што се случува, исплашени дека вулканот повторно се активирал и дека наскоро би можел да еруптира. За среќа, излегло дека за чадот бил одговорен човек, а не природата. Порки Бикар однел стотина стари гуми во вулканскиот кратер, а потоа ги запалил за да се пошегува со сограѓаните.

4. Карпа мраз во Сиднеј, 1978 година


Фото: Museum of Hoaxes


Во срцето на сиднејското пристаниште едно првоаприлско утро се појавила огромна карпа мраз. Локалниот милионер Дик Смит претходно најавил дека ќе донесе карпа мраз од Антарктикот за да може да ја исече на мали коцки мраз, што подоцна ќе ги продава по десет центи, а кои загарантирано ќе го подобрат вкусот на секој пијалак.

Како што мразот пловел, така луѓето се туркале да го видат и да купат парче. Трикот бил откриен откако паднал дожд, а карпата била направена од пена за гасење пожар.

4. Ретка позиција на планетата ќе ја намали гравитацијата, 1976 година


За време на интервју на Би-би-си радио 2, британскиот астроном Патрик Мур најавил дека точно во 9:47 часот ќе се појави астрономски настан на кој луѓето ќе бидат сведоци само еднаш во животот. Плутон ќе поминува зад Јупитер, а ова планетарно усогласување привремено ќе ја неутрализира и намали гравитацијата на Земјата.

Во 9:47 часот радиото примило стотици телефонски повици од слушатели кои тврделе дека почувствувале нешто невообичаено. Една жена рекла дека таа и нејзините пријатели станале од столовите и „лебделе“ во собата.

5. Вонземјани пристигнале во Лондон, 1989 година


Илјадници возачи што се возеле на автопатот надвор од Лондон биле сведоци на слетувањето на летачката чинија. Чинијата конечно слетала на периферијата на Лондон, а локалните жители веднаш повикале полиција за да предупредат на инвазија на вонземјаните.

Кога полицијата пристигнала на местото на настанот, еден храбар полицаец се приближил до леталото - кога се отворила вратата, излегол мал човек во сребрен костум и побегнал во спротивна насока. Леталото всушност бил авион специјално дизајниран да изгледа како вселенско летало, а зад оваа шега стоел милионерот Ричард Бренсон, извршен директор на „Вирџин рекордс“.

6. Биг Бен преминува во дигитален часовник, 1980 година


На први април 1980 година, Би-би-си објавил дека Биг Бен ќе добие дигитален редизајн, а бидејќи стрелките повеќе не му се потребни, ќе ги добијат првите четири слушатели што ќе се јават во емисијата. Слушателите биле бесни, а од Би-би-си со денови се извинувале поради лажните вести.

7. Хамбургер за левучари, 1998 година


Фото: Hoaxes.org


Американскиот синџир за брза храна „Бургер кинг“ во 1998 година објавил оглас во кој претставил хамбургер за левучари.

Во огласот пишувало дека сите состојки ќе бидат како во оригиналниот хамбургер, само што ќе бидат ротирани за 180 степени за да се распредели тежината на сендвичите и да не се излева на десната страна.

Веќе наредниот ден, откако илјадници клиенти тргнале по новиот сендвич, „Бургер кинг“ издал соопштение дека станува збор за првоаприлска шега.

8. Предупредувањето на сината лименка, 1996 година

Од „Вирџин кола“ во британските медиуми објавиле реклама во која стои дека поради здравјето на своите купувачи, измислиле нова технологија за изработка на лименки. Кога на газираните пијалаци ќе им заврши рокот на траење, течноста ќе реагира со соединението од лименката и таа ќе добие сина боја. Поради тоа, тие ги предупредиле купувачите да избегнуваат лименки со сина боја.

Истовремено, случајно или не, „Пепси“ го претставил својот нов дизајн на лименка сок со сина боја.

9. Крајот на светот, 1940 година


Последниот ден од март 1940 година радиостаницата „Филаделфија“ ја емитувала следната порака:

„Вашите најлоши стравувања дека се ближи крајот на светот ги потврдија астрономите од Институтот Френклин од Филаделфија. Научниците предвидуваат дека крајот на светот ќе биде утре во 15.00 часот. Ова не е првоаприлска шега“. Најавата пристигнала по радиоемисијата која била посветена на расправата за тоа како би можел да заврши светот. Реакцијата на јавноста била драматична.

Весниците, полициските станици и градските служби добиле стотици повици од преплашени луѓе. Радиото подоцна објави извинување бидејќи веста била важна. Одбиле да преземат каква било одговорност за хаосот бидејќи објавата за крајот на светот ја добиле од Институтот „Френклин“, кој мислел дека ќе биде добра реклама за планетариумот.

10. Никсон повторно за претседател, 1992 година

Една американска радиостаница во емисија ја објави веста дека Ричард Никсон повторно ќе се кандидира за претседател на Америка. Емисијата најавила дека неговиот слоган на кампањата ќе биде: „Не направив ништо лошо и повторно нема да направам“.

Најавата била проследена со аудиозаписи на Никсон и неговиот говор за кандидатура. Илјадници слушатели се јавиле во емисијата, изразувајќи неверување, шок и бес, па така, во текот на вториот дел од програмата менаџерот Џон Хокенбери открил дека веста била првоаприлска шега.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава