X
 02.04.2021 Образование

МОН објави јавен повик за полагање приемен испит за запишување во Математичко-информатичката гимназија

Министерството за образование и наука објави јавен повик за полагање приемен испит на учениците кај кои има интерес за запишување во Математичко-информатичка гимназија за учебната 2021/2022 година.

- Во Математичко-информатичката гимназија се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оценка 5 по наставните предмети математика од шесто до деветто одделение и физика од осмо и деветто одделение во основното образование и имаат доставено потврда со бројот на освоени бодови од приемниот испит - стои во повикот.

Во него е наведено дека приемниот испит се состои од полагање тестови согласно наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение. Кандидатот/кандидатката писмено се проверува со два поединечни теста по математика и по физика и секој од нив треба да содржи по четири задачи со понудени одговори, четири задачи со дополнување и четири задачи со целосна постапка на решавање.

Времетраењето на писменото проверување за секој предмет, односно за математика и за физика, треба да изнесува по 120 минути, а полагањето ќе се одржи во СГГУГС„ Здравко Цветковски“ Скопје, бул. „Партизански одреди“ бр.91, Скопје, при што математика ќе се полага на 2 јуни 2021 година во 10 часот, а физика на 4 јуни во 10 часот.

Во повикот е истакнато дека заинтересираните ученици треба да испратат Писмо на интерес со податоци за ученикот и родителот/старателот (име, презиме, училиште и општина во која ќе го заврши основното образование, телефонски број од ученикот, телефонски број од еден родител и електронска адреса на ученикот/родителот), на адреса - Министерство за образование и наука, Сектор за средно образование, образование на возрасни и доживотно учење, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје, со наслов „За јавен повик за полагање на приемен испит за запишување на Математичко-информатичката гимназија“ и електронски на следната електронска пошта dsu.mig.skopje@gmail.com, најдоцна до 31.5.2021 година.

Писмото можете да го преземете тука.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование