X
 02.04.2021 Наша тема

Нема последна журка за матурантите и полуматурантите. Од прославите – само поединечни фотографии

Учениците се разочарани поради тоа што нема да можат за последен пат да се дружат со нивните врсници и професори. Велат дека пандемијата ги оддалечила затоа што им се редуцирани дружбите, кои нив им се особено важни

„Ќе дојдат поубави времиња, ќе има време за прегратки и бакнежи“. Вака се тешеа минатата година матурантите, кои не ни претпоставуваа дека нема да се соберат на долгоочекуваниот и одамна договорен датум за прослава на матурата. Ковид-19 ги смени плановите преку ноќ, ги затвори дома, не се собраа да прослават иако претходно растеле заедно, поминувале заедничко време создавајќи спомени што ќе траат.

Сите се надевавме дека сето ова брзо ќе заврши, но еве, една година подоцна, нова генерација матуранти повторно нема да може да се видат на заедничка забава, да прослават како што си замислиле и да се збогуваат со професорите, пред секој да замине по својот пат. Годинава, како и минатата, наместо прослави, за спомен ќе ги имаат само алманасите и фотографиите.

Не требаше да е вака

Матурантите со кои поразговаравме се разочарани затоа што нема да можат за последен пат да се дружат со нивните врсници и професори. Велат дека пандемијата ги оддалечила затоа што им се редуцирани дружбите, кои нив им се особено важни. Горјан Алексоски, матурант од гимназијата „Георги Димитров“, вели дека не требало да биде вака како што е.

- Се чувствувам лошо и разочаран сум бидејќи нема да славиме матура. Ова се најубавите години од животот и сметам дека треба крајот да се одбележи со голема забава на која ќе бидат сите присутни. Потоа секој заминува по својот пат и ретко кога ќе бидеме повторно сите заедно - вели Алексоски.

Неговата мајка Александра Алексоскa жали што децата нема да можат да ја почувствуваат магијата наречена матура.

- Ситуацијата е таква каква што е. Желбата за прослава си ја имавме и се надевавме дека можеби ќе се оствари, да се собереме со роднините и пријателите, ама тоа е невозможно. Жал ни е што децата нема да може да ја почувствуваат магијата наречена матура, но да сме живи и здрави, па ќе има можност да се собереме и да надоместиме. Сакаме да придонесеме како совесни граѓани и затоа сè е ставено на пауза до некои подобри времиња кога ќе имаме повторно можност за славење и радости - вели мајката Александра.

Тажна е оваа година

Директорите на училиштата со кои поразговаравме велат дека за сите ученици, но и за професорите, оваа учебна година е тажна. Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“, вели дека, сепак, најтажна е за учениците од прва година.


Силвана Кржовска

- Тие речиси и не се виделе, не си ги виделе ниту професорите. Кај нас работи библиотеката, па некогаш учениците доаѓаат да си земат лектири или некои други дела. Тие не знаат каде влегуваат. Се случува првпат да си го видат професорот во живо, кој до пред тоа го гледале само од дома, на монитор. Па вие знаете ли кои емоции се тоа? Не можам да ви опишам што значи таа средба за децата и колку им значи. Си го виделе учителот, замислете. Ќе се видат накратко неколку минути, ќе разменат понекој збор. Тој контакт за нив е многу важен - вели Кржовска.

Нема групна фотографија за спомен


Матурантите во оваа гимназија веќе се фотографирале за табло и за алманах. Цената што ја плаќале учениците во „Јосип Броз Тито“ зависела од тоа што сакаат, колку слики сакаат, дали да бидат во боја, дали да се сликаат со диплома во тутурутка и слично. Сепак, она што годинава изостана во сите училишта е заедничката фотографија.

Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“, вели дека учениците завршиле со фотографирање, кое се извело согласно протоколите.


Митко Димовски

- Беше избрано фотостудио, одбраа една училница во училиштето и во неа се фотографираа. Фотографирањето траеше подолго бидејќи влегуваа еден по еден на 15 минути. Секој матурант плати по 900 денари, а добија фотографии и алманах. Само тоа ќе им остане за спомен, нема прослави и собирања, за жал. Во меѓувреме се подготвуваат за претстојниот матурски испит - вели Димовски.

Нема прослави и собири ниту во основните училишта. Полуматурантите, исто како и матурантите, годинава само се фотографираа за спомен.


Светлана Масларевска

- Имаше комисија, родителите одбраа фотостудио кое на децата им направи фотоспомени. Се фотографираа на дистанца во фотостудиото, со одговорен наставник, протоколите биле запазени. Групна слика изостана поради ситуацијава - ни рече Светлана Масларевска, директорка на училиштето „Коле Неделковски“ во Општина Центар.

Фото: Архива
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема