X
 02.04.2022 Издвојуваме

„Кога сме на планина, забораваме на телефоните, природата нѐ хипнотизира“, вели скијачката Ева Милевска

Има само 15 години, а веќе четврта година по ред е меѓу најуспешните спортисти на Битола

Додека некои нејзини врсници на три години се учеа да бидат што посигурни во чекорењето, таа веќе застанала на скии. Памети дека од мала, нејзиното семејство речиси секој викенд ја носело на планина. Вели дека од родителите ги научила планинските манири и правила. Ева Милевска има 15 години, а веќе е голем вљубеник во планината и успешна млада скијачка која четири години по ред Сојузот на спортисти на Битола ја прогласува меѓу десетте најуспешни спортисти во градот.

- Кога имав седум години почувствував надеж и верба кон овој спорт. На Попова Шапка во 2014 година се одвиваше натпреварот „Караѓуле“ и кога ја видов таа атмосфера на тогашните натпреварувачи што беа веќе влезени во скијачкиот свет, посакав да направам нешто со што ќе бидам запишана во македонската историја на скијањето - вели Ева.

Иако многу млада, веќе може да се зборува за нејзина скијачка кариера. Учествувала на голем број натпревари. Во сезона најмалку десетина, од кои најголемиот дел меѓународни. Освен во Македонија, настапувала во Грција, Косово, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Италија, Франција... Успеси на кои е особено горда се освојувањето на меѓународниот куп „FIS children“ во Косово 2021 година, прво место на „Трофеј Београд“ на Копаоник, шесто место на меѓународен натпревар во Бугарија и други. Годинава беше пласирана на шестото место на листата со најуспешни битолчани во конкуренција и на возрасни спортисти.



Половина година скија надвор од државата, но горда е на Пелистер

Живее во Битола, град на чекор до Пелистер, планина која изобилува со можности за развој на скијачкиот туризам, но потребни се уште многу вложувања. За да ја одржи формата и да биде во тек со натпреварите, мора многу да патува.

- Алпското скијање на Балканот е поинакво отколку во западноевропските земји. Бара многу патувања и отсуства од родниот крај. Речиси половина година сум надвор од државата. Кога е тренажен процес (од пролет до есен), еднаш месечно одиме на алпските глечери каде што престојуваме од 10 до 14 дена. Еден ден на снег најчесто започнува од 7 и трае до 13 часот. Но, скијањето не е единствениот тренинг што го правиме во денот, секој ден имаме попладневни тренинзи кои траат околу два часа - вели талентираната скијачка.

Таа е дел од скијачкиот клуб „Пелистер“ и вели дека е горда што во Битола може да сретне баби и дедовци кои се натпреварувале за истиот клуб, на истите трки.


Додека скијам, учам историја

Според младата Ева, планината е вистинско место за воспитување на младите.



- Кога сме на планина, забораваме на телефоните, на проблемите и на брзиот свет, природата нѐ хипнотизира во зимско време со снегот, патеките и возрасните скијачи кои сѐ уште скијаат облечени во југословенските комбинезони и кои имале многу поинакви искуства отколку ние денес. Така, младите освен природа и чист воздух, се запознаат и со жива историја - додава таа.

Додека Ева скија, добар дел од нејзините врсници одат на забави и дружења по кафулиња. Но, тоа за неа не претставува никаква жртва. Вели дека скијањето не е само професионализам 24/7, туку скијачите се богати со пријатели низ цел свет и дружба како пред 40 години - со друштвени игри и учење јазици.

- Тие дружби се незаборавни и запечатени како среќни моменти од тинејџерството и детството - вели таа.

Признава дека комбинација на обврските во училиштето и скијањето е тешко да се стави на вага. Сепак, успева со добар распоред на денот да постигне успех на двете места. Инаку таа е средношколка во приватното училиште САБА.



Љубовта кон спорот го прави човекот како птица во лет

- За да биде успешен, секој спортист мора да има љубов кон тоа што го прави и да се чувствува како птица во лет додека го прави тоа што го сака. Сепак, спортскиот животен стил не е лесен и има специфични правила, бара секојдневна дисциплина, фокус, напорна работа и правилен одмор - додава Милевска.

Планира да продолжи со напорни тренинзи и сонува да учествува на Светско првенство и на Олимписки игри. Чекорејќи кон успехот, ѝ се воодушевува на легендарната Американка Микаела Шифрин, која од многу млада почна да освојува светски првенства, а и по тешките премрежија во животот се врати на ски-терените и продолжи да ниже успеси.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме