X
 02.06.2019 Образование

Србија воведува едносменска настава

Учениците во Србија од први септември ги очекува голема промена - во 240 основни училишта ќе почне да се применува концепт на едносменска настава. Така, основците ќе одат на часови само во една смена, а во училиштата ќе остануваат по часовите од 12:30 до 16:30, најави српскиот министер за просвета Младен Шарчевиќ.

Како што објасни министерот, идејата е на учениците да им се понудат добро смислени активности по редовната настава, така што своето време по редовната настава тие ќе продолжат да го користат во функција на развојот.

- Во тој пилот-проект влегуваат вкупно 240 училишта во Србија од сите школски управи. Секако, децата тука добиваат најмногу - учење во училиште под надзор на наставник, повеќе спорт, а ќе се води сметка и за нивната исхрана. Исто така, децата ќе имаат околу 50 различни содржини, што ќе го намали насилството во училиштата и тие ќе бидат побезбедни. Покрај тоа, учениците ќе имаат и повеќе информатика. Од друга страна, наставниците ќе добијат работа, што е добро бидејќи поради падот на наталитетот во Србија и затворањето на училиштата. тие остануваа без работа - објасни Шарчевиќ.

Според него, се водело сметка и за родителите на учениците.

- Тие ќе немаат грижи бидејќи на нивните деца им се нуди сѐ што наведов и тие во секој момент ќе знаат дека децата се под будното око на наставниците и другите вработени во училиштата. Предвидено е до 2030 година оваа нова стратегија да се воведе во сите училишта во Србија. Ние се надеваме дека тоа ќе може да се оствари за пет години - истакна министерот и додаде дека овој проект прво ќе почне да се применува во основните, а потоа и во средните училишта.

Од српското министерство за просвета потенцираат дека целта на проектот е и да им се помогне на родителите.

- На пример, денес многу родители работат од 9 до 17 часот, а додека да дојдат од работа дома, веќе е 18 часот. Детето, според сегашниот концепт, со училиштето завршило во 13:30 и тоа е само до 18 часот. Ние сакаме тоа време да го користи за да работи на домашната задача, да учи странски јазик, да се занимава со спорт, да свири на инструмент, да стекнува претприемачки вештини и слично - објаснуваат од министерството.

Оттаму додаваат дека во проектот ќе учествуваат училишта кои можат да ги обезбедат неопходните услови - простор, кујна или ако немаат кујна, да обезбедат кетеринг.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование