X
 02.06.2020 Образование

Стипендиите доцнат кога најмногу им требаат на студентите. До крајот на јуни или почетокот на јули ќе биле целосно исплатени

До крајот на јуни или почетокот на јули ќе бидат исплатени сите стипендии стекнати по различни основи, извести Министерството за образование и наука. Студенти од повеќе државни универзитети реагираат по социјалните мрежи дека не им се доисплатени последните две рати, а некои велат дека не добиле ниту една рата во академската 2019/2020 година. Исплатата на студентските стипендии, особено во периодов на кризата, е повеќе од важна за студентите, кои сè уште ја очекуваат ветената економска помош од државата.

- Министерството за образование и наука средствата по основа на стекнати стипендии вообичаено ги исплаќа во два наврати, по неколку месечни рати одеднаш. За оваа академска година, до овој момент, и на новите корисници и на корисниците што правото на стипендија го стекнале во изминатите години им се исплатени средствата за 7 месеци. Преостанатите 2 рати ќе бидат исплатени кон крајот на јуни или на почетокот од јули - велат од МОН.

Тие додаваат дека не е вистина дека на некој стипендист му се изгубени документите, како што се шири информација на социјалните медиуми. Сите пристигнати документи се процесирани, односно договорите се потпишани од министер и еден примерок од договорот е задржан во МОН, а еден доставен до секој стипендист.

- Доколку одреден стипендист смета дека има некаков проблем во однос на исплатата на средствата, слободно може да се обрати до службите на МОН, ситуацијата ќе биде проверена и соодветно ќе му биде одговорено.

Студентка од технички факултет во Скопје за Факултети.мк споделува:

- Ова ми е прва година што земам стипендија, јас сум од првата група социјална стипендија. Пишав е-порака во МОН, не сум добила ниту една рата, и ми рекоа дека треба да проверам дали ми се изгубени документите. 

На друга студентка ѝ било кажано дека ѝ ги нема документите, па откако повторно ги доставила, од МОН ѝ ветиле дека ќе ѝ бидат исплатени. 

- Не бев запознаена со точниот датум, но според академскиот календар, требаше да ми биде исплатена стипендија до вчера. Проблемот беше во тоа што јас регуларно однесов документи за подоцна да ми кажат дека моите документи ги нема. Праќав е-пораки, се јавував и денес повторно однесов документи и ми ги прифатија. Се случуваат грешки, овој проблем не е само кај мене, ќе почекаме, но да сме сигурни дека ќе ни префрлат стипендија. Јас земам социјална стипендија и тие пари многу ми се важни - вели студентка која студира на факултет во Скопје.

Еден од условите да се добие социјална стипендија е студентите да имаат положено најмалку 80 отсто од предвидените испити за претходните студиски години, а родителите да немаат примања повисоки од 30.000 денари вкупно.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование