X
 02.06.2021 Живот

Еве како европските земји ги укинуваат ограничувањата

Темпото на европските кампањи за вакцинација против ковид-19 е забрзано како што паѓаат стапките на заразени лица.

Ограничувањата постепено се укинуваат пред летната и туристичката сезона, а 27. земји-членки на ЕУ сакаат да воведат дигитални сертификати за вакцинација за патување до крајот на јуни.

Франција

Од 9 јуни ноќниот полициски час, кој моментално важи од 21 до 18 часот, се поместува два часа подоцна и ќе почнува од 23 часот.

Рестораните, кафулињата и баровите ќе можат да почнат да им даваат услуги на клиентите во затворен простор - со капацитет од 50 отсто и максимум шест лица на една маса.

Музеите, кината, спортските терени и несуштинските дуќани, кои повторно беа отворени во мај, ќе можат да ги зголемат своите капацитети.

Од 30 јуни ограничувањата и полицискиот час ќе бидат укинати, според сегашниот план.

Германија

Мерките се укинуваат низ цела Германија, која беше заклучена уште од ноември.

Терасите и рестораните на отворено, музеите и концертите на отворено се повторно отворени низ цела Германија, како и базените на отворено.

Некои региони, како западната држава Рајнска област-Пфалц, ги отвораат и затворените ресторани, почнувајќи од 2 јуни, во области каде што стапката на инфекции е под 50 нови на 100.000 жители.

Италија

Внатрешниот простор на италијанските ресторани и барови е отворен од 1 јуни за внатрешна услуга. Спортските игралишта овозможуваат гледачи до 25 отсто од полниот капацитет.

Полицискиот час од 23 часот до 5 часот наутро, на 7 јуни ќе биде поместен и ќе почнува од полноќ, а на 21 јуни целосно ќе биде укинат.

Три региони веќе станаа „бели зони“ - категорија со најнизок ризик - и повеќе региони се очекува да им се придружат на 7 и 14 јуни, вклучувајќи ги градовите Рим и Милано, доколку состојбата продолжи да се подобрува.

Единствените ограничувања што се применуваат во белите зони се однесуваат на физичко растојание и носење маски во затворени простории и на преполни отворени простори.

pariz
Фото: Freepik

Данска

Животот во Данска се враќа во нормала. Отворени се сите бизниси во затворен простор, со исклучок на ноќните клубови.

Владата воведе и „корона-пасош“ за сите постари од 15 години. Овој пасош, достапен на мобилен телефон или на хартија, покажува дали луѓето биле вакцинирани, дали прележале или имаат негативен тест во изминатите 72 часа.

Луѓето треба да го покажат пред да влезат во барови, ресторани, музеи, во фризерски салон или кога сакаат да присуствуваат на фудбалски натпревари.

Грција

На 1 јуни Грција лансира дигитален зелен сертификат за своите граѓани што овозможува слободно движење во рамките на ЕУ. Сертификатот покажува дали лицето е вакцинирано, дали го прележало вирусот или неодамна имало негативен ПЦР или антиген тест.

Од 15 мај владата дозволи посета на туристи доколку се вакцинирани или може да покажат негативен тест.

Плажите, баровите и рестораните се отворени, но сè уште важи полицискиот час меѓу 00:30 до 5:00 часот наутро, а маските се задолжителни на сите јавни места и продавниците.

Полска

Отворени се хотелите, рестораните и баровите, како и музеите, уметничките галерии, кината и театрите, но со капацитет од 50 отсто. Отворени се и продавниците и трговските центри, но со ограничувања на бројот на клиенти.

Ноќните клубови ќе останат затворени најрано до 5 јуни.

Шпанија

Владата соопшти дека од 7 јуни ќе им дозволи на сите вакцинирани туристи да влезат во земјата. Повеќето патници сепак ќе треба да имаат негативен тест по пристигнувањето, освен ако не доаѓаат од некоја од „безбедните“ земји, како што се Австралија или Нов Зеланд.

Повеќето продавници, барови, ресторани и музеи се отворени, но сите над шест години сè уште треба да носат маски на повеќето јавни места.

2
Фото: Freepik

Белгија


Од 9 јуни владата планира дополнително да ги ублажи ограничувањата, под услов бројот на заразени лица на интензивна нега да остане под 500. Рестораните и баровите, како и кината и театрите, повторно ќе се отворат, со максимум 200 гости.

Услугите на отворено се дозволени во кафулињата и рестораните уште од мај, по речиси седум месеци заклучување.

Португалија

Португалија ги укина повеќето ограничувања. Отворени се музеите, галериите и продавниците.

Рестораните можат да служат шест лица на една маса во затворени простории и 10 на отворено, но мора да затворат во 22.30 часот.

Ноќните клубови и барови остануваат затворени.

Холандија

Од 5 јуни музеите, историските згради, забавните паркови, парковите и зоолошките градини ќе можат повторно да ги отворат своите затворени простори, со ограничен број посетители.

Сите места што служат храна и пијалаци можат да бидат отворени од 06.00 до 22.00 часот, со максимум четири лица на една маса.

На 22 јуни владата ќе одлучи дали ќе продолжи со понатамошното отворање на 30 јуни, кога треба да се отворат ноќните клубови, фестивалите и концертите.

Шведска

Минатата година Шведска се обиде да избегне наметнување ограничувања кога другите земји беа под блокада, но сега таа е последната од скандинавските земји што почна со ублажување на ограничувањата.

Од 1 јуни се ублажуваат правилата за бројот на луѓе што можат да присуствуваат на спортски настани, концерти на отворено, да влегуваат во кино и на пазарите.

Понатамошните ограничувања се очекуваат од 1 јули, кога ќе бидат укинати ограничувањата за приватни собири и настани.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот