X
 02.06.2022 Живот

Запознајте го главниот „дигитален генерал“ на Украина: Има 31 година и дигитална армија

Михаило Федоров е роден во 1991 година, годината кога Украина стана независна по распадот на Советскиот Сојуз. Како што растела економијата на неговата земја поради ИТ-бумот, Федоров стана технолошки претприемач, основајќи фирма за дигитален маркетинг во Запорожје, Југоисточна Украина. Она што го научил таму го применил во 2018 година во политичката кампања на Володимир Зеленски, тогашен актер кој бил во трка за претседателската функција.

Денес, додека Зеленски го води отпорот на неговата земја против руската инвазија, Федоров сè уште е таму, на страната на претседателот, како министер за дигитална трансформација на земјата.

 Федоров е можеби најистакнатото лице во воената администрација на земјата и ја предводи дигиталната „армија“, која покрива сè, од сајбер-одбрана до следење на позицијата на руските сили.

Тој е, всушност, врвниот дигитален генерал во земјата, а околу 30.000 луѓе од целиот свет сега се вклучени во дигиталните битки на Украина.

Федоров, исто така, го применува своето дигитално знаење за да ги поправи комуникациите оштетени од војната, да ги бележи наводните воени злосторства и да допре до обичните Руси отсечени од вистината за бруталната кампања на Кремљ во Украина.

- Што се однесува до нас, сè додека има интернет во Русија, имаме можност да им пристапиме на луѓето. Директно да им кажам на обичните Руси што се случува - вели Федоров.

Со инвазијата на Русија, улогата на Федоров премина од помагање во изградбата на ИТ-секторот на Украина во одбрана на информациската инфраструктура на земјата. Сега, освен што се води војна на копното во Украина, се води и сајбер-војна.

- Минатата година, кога станува збор за сајбер-нападите, Украина беше меѓу главните цели во светот токму поради Русија. Постојано се организираа сајбер-напади за да нѐ нападнат. Со инвазијата, сајбер-нападите станаа поинтензивни. Во првите два месеца од војната имаше повеќе од 430 одделни сајбер-напади од најмалку шест различни групи руски хакери. Тоа е масовна кампања против Украина. Повеќето од сајбер-нападите се извршуваат за да се совпаднат со ракетни напади и копнени напади на руските сили на одредена цел. Целта е иста, без разлика дали во сајбер-просторот или на теренот: да ги оштетат нашите ресурси и клучната инфраструктура. Руските хакери таргетираа сè, од институциите на централната власт до државните и локалните власти, како и секторот за одбрана, телекомуникацискиот сектор и нашите медиуми - вели Федоров.

fedorov
Фото: Screenshot/YouTube

Тој додава дека Русите сè уште не успеале да реализираат голем сајбер-напад поради она што тој го прави со неговата сајбер-армија.

- Сега се обидуваме и поагресивно да се бориме против Русија во сајбер-просторот. Ова е огромен напор и вклучува луѓе од цел свет свет, волонтери кои ни помагаат во сајбер-просторот да се осигуриме дека Русија нема да победи на овој фронт. Имаме околу 30.000 луѓе - украински и меѓународни ИТ-професионалци - кои работат овде и на меѓународно ниво за да се уверат дека ќе успееме во сајбер-просторот, дека Русија нема да добие предност. И речиси сигурно ќе продолжиме да се бориме во сајбер-просторот дури и откако ќе заврши војната на теренот. Како што реков, ние сме вклучени во сајбер-војна со Русија уште пред оваа инвазија. Ништо не сугерира дека тие нема да продолжат да ги напаѓаат нашите дигитални системи дури и откако ќе бидат принудени да се повлечат од земјата, откако нивните тенкови ќе ја напуштат Украина.

Неговиот тим ги користи дигиталните ресурси за да документира што прават Русите во Украина. Воведени се нови апликации кои ги предупредуваат луѓето за руските напади, а две недели по почетокот на војната беше воведен и нов систем за собирање фотографии и видеа од тоа што Русите правеле во Украина и каде дејствувале, користејќи услуги за геолокација. Обичните луѓе ги користат овие апликации и на тимот на Федоров му испраќаат информации за движењата на руските трупи со само неколку клика. Тимот ги проверува и потврдува, а потоа најбрзо што може ги пренесува до вооружените сили на Украина.

Освен тоа, луѓето помагаат во собирање информации за руските воени злосторства. Идејата е да се документираат сите воени злосторства од страна на руските војници. Така, напорот не е само да се возврати, туку и да не се дозволи да избегаат од одговорноста.


- Спроведуваме информативни кампањи за да допреме до руската публика и да се прошири вистината за војната во Украина. Режимот на рускиот претседател тргна по социјалните мрежи и другите канали. Но, што се однесува до нас, додека во Русија има пристап до интернет, имаме можност да им пристапиме на луѓето и на обичните граѓани на Русија да им кажеме што всушност се случува.

Иако војната влегува во четвртиот месец, Федоров вели дека надежта за слобода и мир не умира. Она што му дава најмногу надеж е начинот на кој сите овие месеци им се спротивставувале на Русите.

- Нашиот главен ресурс во оваа војна е храброста на нашиот народ, обичните луѓе кои ја презедоа борбата на теренот, па дури и се приклучија на нашата дигитална армија. Сите се вклучени. На удар се, но не се откажуваат - вели Федоров.

Извор: Grid.news.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот