X
 02.07.2018 Наука

Нашиот нов дом можеби е поблиску отколку што мислиме

Потврдено е дека две егзопланети за кои се верувало дека се слични на Земјата, всушност, и се слични барем кога станува збор за климата. „Кеплер-186ф“ е првата идентификувана планета со големина на Земјата надвор од Сончевиот Систем што орбитира околу ѕвезда во зона погодна за живот. Ова значи дека има соодветно растојание од нејзината ѕвезда-домаќин.

Истражувањето користело симулации за анализа и идентификација на динамиката на вртежната оска на егзопланетата.

Оваа динамика одредува колку планетата се наведнува кон својата оска и како аголот на наклон се развивал низ годините. Аксијалниот наклон влијае врз годишните времиња и климата бидејќи влијае врз тоа како Сончевата светлина ја погодува површината на планетата.

планети
Фото: NASA


Истражувачите сугерираат дека аксијалниот наклон на „Кеплер-186ф“ е доста стабилен, сличен на Земјата, со што ја зголемува веројатноста да има редовни годишни времиња и стабилна клима. Научниците веруваат дека истото се однесува и за „Кеплер-62ф“, планета со големина на Земјата, која орбитира околу една ѕвезда оддалечена околу 1.300 светлосни години од нас.

Колку е важен аксијалниот наклон за климата? Големата варијабилност во аксијалниот наклон би можела да биде клучна причина зошто Марс се трансформирал од воден пејзаж пред милијарда години до пустина.

- Марс е планета погодна за живот во нашиот Сончев Систем, но нејзиниот аксијален наклон е нестабилен - варира од 0 до 60 степени - вели Гонџи Ли, доцент по физика при Грузискиот институт за технологија.

- Оваа нестабилност придонела за распаѓање на атмосферата на Марс и испарување на површинските води.

Колку за споредба, аксијалниот наклон на Земјата полека осцилира - помеѓу 22,1 и 24,5 степени, од една крајност до друга на секои 10.000 години.

- Се чини дека двете егзопланети се различни од Марс и Земјата бидејќи имаат послаба врска со планетите што им се браќа - вели Ли.

- Не знаеме дали поседуваат месечини, но нашите пресметки покажуваат дека дури и без сателити, оските би останале постојани во период од десетици милиони години - додава тој.

- Нашето истражување е меѓу првите што ја испитува климатската стабилност на егзопланетите и го зголемува разбирањето на овие потенцијално погодни светови што се во близина - вели Ли.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука