X
 02.08.2018 Живот

Кои се причините за големиот број на жртви во пожарите во Мати?

Неуспехот на грчките власти да издадат навремено предупредување за приближувањето на огнот кој го уништи Мати и зеде повеќе од 90 животи е причината поради која речиси и немало време меѓу сфаќањето колкава е опасноста и реакција на истата, покажува прелиминарната истрага објавена од страна на Универзитетот во Атина.

Истражувачите утврдиле дека тесните улици и големиот број ќор-сокаци кои ги блокиралле патиштата за излез на море, како и отсуството на големи јавни површини во Мати (област изградена неплански) исто така придонеле за големиот број жртви. Резултатите од истрагата беа поткрепени со фотографии направени при инспекција на областа.

Пристапот до морето бил попречен поради морфологијата на брегот, истакнуваат експертите. Според нив, овој факт, во комбинација со малата видливост и задушливоста во голема мера довеле до тоа многу луѓе да бидат фатени во стапица.

Истовремено, луѓе кои биле повредени во пожарите и роднини на оние кои ги загубија животите, се подготвуваат да поднесат тужби, додека обвинителот Варвара Гнесули добива сведочења од шефовите на неколку државни тела кои биле задолжени за превенција и задржување на огнот.

Според грчките медиуми, обвинителот планира и да ги укине рестрикциите за доверливост за да дојде до комуникацијата меѓу различни државни служби вклучени во гасењето на пожарот и да утврди кој знаел кога избил пожарот и кога властите биле информирани за смртните случаи. 

Фото: Greek Reporter

Во меѓувреме, грчките пожарникари сега се борат со огнови на Закинтос. Според известувањата на грчките медиуми, огнот е потпомогнат од силните ветришта и е во близина на селото Каламаки. Властите соопштија дека засега селото не е загрозено.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот