X
 02.09.2017 Живот

За вашите деца да бидат успешни ученици, прочитајте ги следниве совети

Доктор Кевин Леман е меѓународно познат психолог, радио и телевизиска личност и говорник, како и член на Здружението на американски психолози. Автор е на над 30 бестселери на „Тајмс“. Ова се неколку негови познати совети за родителите чии деца одат во училиште:

1. Никогаш не прашувајте го детето дали има домашна задача – создајте таква атмосфера во семејството за детето да знае дека очекувате да има добар успех во училиште и да дава сè од себе, но самото да биде одговорно за своите обврски, како што е домашната работа. Ако детето не ги исполнува обврските и тоа се одразува на успехот, тогаш ќе му скратите одредени привилегии, како излегувања, дружење, родендени, играње на компјутер и слично.

2. Престанете да ги будите децата и секојдневно да ги брзате за да не задоцнат на училиште – вие не сте будилник. Децата треба да си добијат будилник и тука престанува ангажирањето на родителот околу станувањето. Најверојатно во почетокот ќе доцни, но вие не треба да го штитите детето од последиците. Напишете порака до наставничката дека треба да постапи онака како што се постапува со децата што доцнат на час. Ако училишниот успех повторно трпи поради доцнењето, стапува во сила скратувањето на привилегиите.

3. Не претерувајте со пофалби – кога детето ќе донесе одлична оценка од училиште, немојте да го фалите премногу, туку дајте му до знаење дека успесите во училиште се за негово добро.

4. Не прашувајте го детето како било на училиште – бидете тивки и чекајте детето самото да почне да кажува. Кога тоа ќе се случи, немојте да поставувате дополнителни прашања, туку користете ја реченицата „Кажи ми повеќе околу тоа“. Тука станува збор за заповед, а не прашање, па детето ќе почне да зборува.

5. Не дозволувајте детето да биде претрупано со активности надвор од училиштето – децата треба да поминуваат повеќе време со семејството бидејќи таму го градат својот карактер. Секојдневното трчање по секакви курсеви и часови ќе ви го упропасти семејниот живот. Само една активност надвор од училиштето е доволна. Кога веќе ќе ја совлада таа активност, тогаш поттикнувајте го да не се откажува, се разбира, доколку го сака тоа што го прави.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот