X
 02.10.2019 Технологија

Новата кинеска камера со 500 мегапиксели може да ве издвои од цела толпа

Кина во значителна мера тестира и користи технологија за препознавање лица. Таа се користи за идентификување криминалци, па дури и за набљудување на студентите. Луѓето можат и да плаќаат со едноставно скенирање на лицето.

Последниот чекор на Кина е суперкамерата за препознавање лица која може да фати илјадници лица на стадион до детаљ. Откривањето на импресивната камера, која исто така може да лоцира одредена мета во моментот, предизвика голем број критики, па некои критичари сметаат дека таа ќе се користи за контрола на населението.

Новата камера има резолуција од 500 мегапиксели и е петпати подетална од резолуцијата од 120 милиони пиксели на човечкото око. Камерата може да направи панорамска фотографија од трибини и да даде јасна, перфектно детална фотографија од сите видливи лица во толпата.

Камерата била развиена од Универзитетот „Фудан“ од Шангај и Институтот за оптика, фина механика и физика при кинеската Академија на науките во Чангчун.

Фотографиите направени со оваа камера може да се интегрираат со вештачка интелигенција, технологија за препознавање лица, мониторирање во реално време и други технологии за да работи како несовладливо решение за набљудување. Одредени мети може да бидат најдени за момент.

Ѕенг Сјаојанг, еден од научниците во истражувачкиот тим, во извештајот наведе дека полицијата би можела дури и да го користи системот во центарот на Шангај за да ги набљудува толпите, за да наоѓа криминалци и да превенира несреќи.



Иако камерата несомнено е импресивно технолошко достигнување, критичарите посочуваат на импликациите што ги има врз приватноста во кинеското општество. Австралиските медиуми истакнаа дека камерата може да се користи како дел од системот на социјален кредит, кој моментално се развива во Кина. Тоа е програма која ги следи и оценува граѓаните.

Како што известуваат кинеските медиуми, земјата веќе е најнабљудувана во светот. Оваа технологија, иако е импресивна од технолошка гледна точка, многу личи на Големиот брат од „1984“ на Орвел.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија