X
 02.10.2020 Живот

Со свеж воздух и проветрување Германците ќе се борат против Ковид-19

Ангела Меркел вели дека проветрувањето може да е еден од најевтините и најефикасни начини за намалување на ширењето на вирусот.

Проветрувањето е додадено како формула на германската влада за справување со коронавирусот, како што експертите за хигиена на воздухот постојано повикуваат оваа практика да стане официјална.

Овој обичај е нешто како национална опсесија на Германците, со тоа што многу Германци вообичаено отвораат прозорци двапати на ден, дури и во зима, со цел да им влезе свеж воздух во домовите. Честопати вентилацијата е вклучена во договорите за изнајмување, главно како заштита од мувла и лош мирис.

Но, иако некои луѓе може да речат дека методот е примитивен, тој може да е еден од најевтините и најефикасните начини за ограничување на ширењето на вирусот, вели Меркел. Германската канцеларка објаснува дека упатствата на владата за справување со вирусот, освен физичко дистанцирање, хигиена и маски за лице, ќе бидат проширени и ќе им биде додадено и проветрување на просториите, како и владината апликација за предупредување за Ковид-19.

- Редовното проветрување во сите приватни и јавни соби може значително да ја намали опасноста од инфекција - се објаснува во препораката од владата.

Вентилацијата, позната и како „Stosslüften“, за која е потребно објаснување за повеќето луѓе што не се запознаени со Германија, вклучува широко отворање на прозорците наутро и навечер најмалку пет минути, за да се овозможи циркулација на воздухот. Уште поефикасен е „Querlüften“, или вкрстена вентилација, при што се отвораат сите прозорци во домот, со што ќе влезе нов свеж воздух.

otvoranje
Фото: Pixabay

Во Германија прозорците се дизајнирани со софистицирана технологија што им овозможува да се отворат во различни насоки. Бидејќи е познато дека 90 отсто од заразените со Ковид-19 се заразиле во затворен простор, сега оваа практика е уште пораспространета. Водечкиот експерт за коронавирус во Германија, Кристијан Дростен, кој е главен виролог во болницата Шарите во Берлин, постојано нагласува колку е важно проветрувањето, објаснувајќи ја науката зад него и како правилно да се проветрува во зима.

Училиштата одамна ја имаат прифатено оваа практика. Неодамнешната средба на министрите за образование во 16-те покраини во Германија беше посветена на тоа како да се проветрува училницата. Пет експерти советуваат дека просторијата треба да биде проветрувана на секои 15 до 20 минути, пет минути во пролет и 3 минути во зима.

Иако овој обичај веќе се практикува во Германија, исто така предизвикува доста жестоки дебати. Типичен незгоден германски одговор на некој што се спротивставува на отворен прозорец е: - Многу луѓе замрзнале до смрт, но никој не умрел од лош мирис.

Извор: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот