X
 02.11.2018 Култура

Во што е тајната на долговечноста на Шпанците?

Според најновото истражување од Институтот за мерење и процена на здравјето во Сиетл, Шпанија до 2040 година ќе ја надмине Јапонија и ќе го заземе првото место во светот кога станува збор за очекуван животен век.

Луѓето во Шпанија ќе живеат во просек 85,8 години, додека во Јапонија 85,7 години.

Причината зошто Шпанците наскоро ќе станат најдолговечен народ во светот се крие во три многу важни работи - медитеранската исхрана, негувањето на семејните врски и среден, бесплатен систем за здравствена заштита, што според податоците на Светската здравствена организација, е седми најдобар во светот.

Кога новинарите од „Гардијан“ во Мадрид запреле жена која изгледала како да е во доцните педесетти, а имала 75 години, на прашањето во што е тајната на нејзиниот младешки изглед, таа открила:

- Маслиново масло, овошје, зеленчук, риба, не премногу месо, малку пиво и вино. И треба да уживате во животот, пријателите и, пред сѐ, во вашето семејство.

Антонио Абелан од истражувачката група за стареење во шпанскиот Национален истражувачки совет изјави дека резултатите од истражувањата се во согласност со признатиот тренд и дека животниот век во Шпанија се приближува до оној во Јапонија.

- Сигурно дека медитеранската исхрана имала голема улога во тоа, но клучни се и социјалните и семејните односи. Како и другите медитерански земји, Шпанија навистина ги вреднува семејното богатство и блискоста со семејството. Тоа не е единствена, ниту најважна работа, но мислам дека на некој начин може да ги објасни разликите помеѓу Шпанија и другите земји. Тоа е бонус. Ако живеете подобро, на крајот ќе живеете подолго - истакнува Абелан.

На листата со најдолговечни нации, по Шпанија и Јапонија, е Сингапур (85,4 години). Потоа следуваат Португалија и Италија (84,5 години), Израел (84,4), Франција (84,3), Луксембург и Австралија (84,1 години).
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура