X
 02.12.2018 Живот

По двајца наставници на час, каков студент бил Васко Попетревски, какви нови зависности ни носи интернетот...Што истражуваше Факултети.мк минатата недела?

Помладите ќе учат од поискусните додека предаваат... Оваа новина во образованието ни ја најави заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов

Уредникот и новинар Васко Попетревски ни раскажа како му минувале студентските денови, Билјана Ѓонеска, која работи како научен соработник во Македонската академија на науките и уметностите, ни сподели кои се новите зависности што ги носи интернетот, а истражувавме и како сателитите може да помогнат да се лоцираат најголемите загадувачи, а со тоа и да помогнат да се намали загадувањето на воздухот во земјава. Ова се само дел од темите што Факултети.мк ги објави минатата недела.

По двајца наставници на час. Помладите ќе учат од поискусните додека предаваат... Оваа новина во образованието ни ја најави заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов.
Тој ни откри дека наставниците со над дваесетгодишно искуство ќе бидат на часовите со нивните помлади колеги и ќе им укажуваат како се предава и како се учат ученици.
- Потрошени се 20 години, милиони евра за обуки за наставници од кои нема никаков резултат. Сега идејата е обуки да се прават на самото работно место. Грешката била системска, наставниците сме ги ваделе надвор од училиште за да одат на обуки, на кои им зборувале странци, домашни експерти, па повторно сме ги враќале во истиот систем, каде што не се спроведувало наученото од обуките. Со промените е предвидено пет-шест наставници во секое училиште да работат како подучувачи, со тоа што ним ќе им биде скратен бројот на часови. Откако ќе седат на час со помладите колеги, потоа ќе го анализираат часот, ќе прават рекапитулар, како е предадена лекцијата, зошто, на пример, применувал само испрашување и слично – објасни Атанасов.


Студентските фотографии на Васко Попетревски

Студентските денови на нашиот познат новинар Васко Попетревски исто така беше една од најчитаните новинарски стории минатата недела. Попетревски откри со кого се дружел, како станал новинар и кои професори најмногу ги почитува.
- Долги години живеев кај една госпоѓа, Ангелина Симеонова, тон-мајстор на Радио Скопје, која, меѓу другото, беше човек што разбираше што е новинарство и многу ми помогна да се снајдам во професијата - изјави Васко.
Со колегите од факултет често го посетувале кафулето „Фонтана“ („Мавровка“), каде што за секоја добиена десетка, со индекс добивале бесплатно кафе. Излегувале во Бистрото на МНТ. Неговата генерација релативно добро се снајде во новинарството. Владимир Мирчески, Драган Николовски, Стојан Трпчевски, Душко Арсовски, Сашо Кокаланов, Тодорче Стојчевски, Александар Митевски, Анита Петровска биле дел од групата.



Билјана Ѓонеска, која работи како научен соработник во Македонската академија на науките и уметностите во областа на когнитивните и социјалните невронауки, е дел од голем меѓународен проект посветен на проблематичната употреба на интернетот, кој е во фокусот и на светските медиуми како „Гардијан“, „Дејли мејл“, „Телеграф“.
- Историски гледано, интернетот е толку нова, а важна појава, што може да ја сметаме за последен исчекор во човечката еволуција. Истовремено, таа е толку скорешна и брза промена, што нема време за соодветна адаптација. Како никогаш досега човекот има моќ со незначаен напор (на пример, еден „клик“) да предизвика лавина одговори, поддршки/допаѓања или осуди/напаѓања од поединците/заедницата. Освен што интернетот не бара физички напор бидејќи е лесен за користење, не создава ниту ментален отпор, т.е. аверзија. Напротив, поради потсилените чувства на слобода и индивидуалност, преку привидната заштитеност и анонимност, од една страна, и колективна поврзаност, од друга, како и чувствата на награда со задоволство од нови сознанија (поради приспособена понуда на интересни содржини), расте и привлечната и приврзувачка моќ на оваа технологија. Тоа создава услови за некритичка употреба на интернет, т.е. интернет-зависност – говори Ѓонеска во интервјуто за Факултети.мк.

Разговаравме и со Лидија Марковиќ-Росати од Србија, која е претприемач и стратег за перформанси, и патува низ светот во улога на ментор/тренер на млади жени-претприемачи, претприемачи и корпоративни тимови. Таа, со повеќе техники, но и лично искуство, им помага нивните идеи да се издигнат на повисоко ниво и да станат успешни профитабилни бизниси.
- Работам и со жени и со мажи, глобално со бизнис-луѓе. Работам со луѓе што имаат идеја за бизнис и им треба да ја развијат и претворат во профитабилна работа. Кога имате идеја, има луѓе што може да ве научат како да ја претворите во бизнис. Но секој бизнис не е профитабилен. Мојата девиза е профитабилен бизнис кој носи пари. Јас често зборувам за тоа. Луѓето имаат проблем да зборуваат за пари и ги сфаќаат парите како некоја табу-тема, а сите потајно ги сакаат и посакуваат – ни откри Марковиќ-Росати.



Европската агенција за животна средина (ЕЕА) деновиве објави дека Македонија е најзагадената земја во Европа, со загадување десет пати поголемо од препорачаните нивоа. Во моментот еден од најиновативните начини за следење на загадувањето е снимањето со дронови. Дали е тоа доволно и постои ли начин далечинската детекција да помогне во надминувањето на проблемите со загадувањето?
Гордана Јовановска-Каплан, геодет, докторанд во областа на гео-информациски системи и далечинска детекција на Универзитетот „Анадолу“ во Турција, ни објасни како може сателитите да помогнат да се намали загадувањето во Македонија.
- Има голем број сателити што го набљудуваат квалитетот на воздухот, како неодамна активираниот „Сентинел-5п“. Но, користејќи ги тие податоци само може да ја потврдиме тажната слика за состојбата на воздухот во Скопје. Треба да се лоцираат најголемите загадувачи. Еден од наједноставните и приоритетни чекори е лоцирање на нелегално запалените ниви, жаришта, и нивно понатамошно спречување. Ваквиот пристап треба да се направи со помош на сателитски снимки кои опфаќаат повеќе од 12.000 квадратни километри, а не со дронови кои најчесто ни нудат податоци што не можеме да ги видиме. Така, на лесен начин ќе се откријат сите жаришта поголеми од 10 квадратни метри. Сите податоци за кои зборувам се отворени за сите корисници и можат да се преземат и да се користат бесплатно од Американската или од Европската вселенска агенција – ни откри Јовановска-Каплан.


Проф. Виолета Николовска

Инстант-живеењето не троши време на негување култура, идентитет. Брзањето како да станува цел за себе, а не постапка да се стигне некаде. Медиумските кампањи, образовните институции, не само предметните професори по македонски јазик, треба да ја градат културата на комуникација и културата на изразување, посочува Виолета Николовска, професорка по македонски јазик на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Со неа разговаравме на темата како да се подобрат познавањето и употребата на македонскиот стандарден јазик во сите сфери на живеење.

- Бирото за развој на образованието треба да размисли да го воведе предметот култура на изразување како посебен, во кој ќе се изучуваат основите на правописот, пишувањето на различни писмени форми - есеи, барања, молби, книжевни форми. Би било корисно да се изделат предметите македонски јазик и книжевност. Така и самиот наставен кадар ќе биде покомпетентен, смета Николовска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот