X
 02.12.2019 Наша тема

На кои институти во Македонија платите се зголемија за една четвртина?

Со мерката се овозможува покачување на платите на 210 вработени во јавните научни установи, велат од Владата за Факултети.мк

За една четвртина се зголемија платите на вработените во седум научни институти минатиот месец, со одлука на Владата. Набрзо потоа Независниот академски синдикат (НАкС) ја одржа првата прес-конференција на која ги претстави истражувањата за структурата на вработените на јавните универзитети и научните установи во земјава. Тие ја претставија состојбата во научните институти од повеќе агли.

Владата на 161. седница ја усвои и ја утврди потребата од покачување на платите на вработените во jавните научни установи во земјава, за исплата на минат труд, и ги задолжи министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за информатичко општество и администрација, заедно со директорите на институциите да ги усогласат правните основи за реализација на оваа одлука.



Со мерката се опфатени седум научни установи согласно Законот за научноистражувачка дејност - институтите за национална историја, за фолклор „Марко Цепенков“, за македонски јазик „Крсте Мисирков“, за старословенска култура од Прилеп, за македонска литература, Хидробиолошкиот завод од Охрид и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

Што покажаа истражувањата на НАкС

- Со мерката се овозможува покачување на платите на 210 вработени во јавните научни установи за 25 отсто и исплата на минат труд, почнуваjќи со исплатата на октомвриската плата во 2019 година - велат од владината служба за односи со јавноста за Факултети.мк.

На прашањето колку ова покачување изнесува во денари, од Владата велат дека е различно бидејќи постојат и различни звања - научен советник, виш научен соработник, асистент, вработени со високо, вишо, средно и основно образование.

- Се движи од околу 3.400 до 13.500 денари во бруто-износ. Со оваа мерка се опфатени вработените во посочените седум јавни научни установи. Од септември годинава на вработените на јавните високообразовни установи платата им е зголемена за 5 отсто - велат од Владата.



НАкС во рамките на проектот „Транспарентност и отчетност во финансирањето на високото образование и науката во РСМ“ објави интересни информации за состојбите во научните институти, спроведени во осум единици. Проектот го изработија универзитетските професорки Мимоза Ристова, Маја Стевановиќ и Мирјана Најчевска.

Тие заклучиле дека во јавните научни установи платите соодветствуваат или се минимално над средствата што ги исплаќа Министерството за образование и наука.
- Платите на научните советници, кои би требало да се во ист ранг како платите на редовните професори, се движат околу 35.000 денари. Тоа говори дека институтите немаат сопствени средства кои би можеле да ги искористат за исплата на плати, па дури ни за исплата на додатоците за стаж кои се загарантирани со закон - велат професорките.

Подмладокот - критично прашање на сите институти

Истражувањето покажало дека на шест од вкупно осум институти асистентите се во далеку помал број од вработените во највисокото звање – научен советник. На два од нив има само по еден асистент, но на еден од двата института со поголем број асистенти нивниот број е шестпати поголем од бројот на научните советници.

Универзитетските професорки Маја Стевановиќ (лево) и Мимоза Ристова

На пет институти во стручно-административната и помошно-техничката служба има минимум вработени потребни за да функционира една институција. Реципроцитетот е толку различен, што поради недостиг на административен кадар, еден од институтите не може да работи, но на друг бројот на административците е петпати поголем од бројот на истражувачите.

- Бројот на вработените во научните установи се движи од 12 до 54. Според Законот за научноистражувачка дејност, не е јасно како може да постои институт без ниту еден вработен истражувач, со само два асистента и десет вработени од редот на административниот кадар - објасни Ристова.

Истражувањето покажа дека кај седум институти недостига подмладок. Дури ни вкупниот број на помладиот кадар (асистенти и помлади научни соработници) не е доволен да го надомести заминувањето во пензија на лицата во највисокото научно звање.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема