X
 02.12.2020 Живот

Влада: Предлог за кризна состојба до 30 јуни 2021, повеќе ученички стипендии, протоколи за скијачките центри

Се зголемува бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од 400 на 544

Предлог за продолжување на кризната состојба поради Ковид-19, повеќе ученички стипендии, посебни протоколи за отворање на скијачките центри во земјава, утврден предлог-законот за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“, се дел од одлуките кои Владата ги донесе на вчерашната седница.

Утврдена е предлог-одлука до Собранието да одобри продолжување на кризна состојба до 30 јуни 2021 година.

Прифатено е мислењето на Комисијата за заразни болести дека скијачките центри може да работат поред соодветен протокол, со оглед на тоа што во скијачките центри во Македонија нема затворени гондоли на жичниците. Според протокол ќе работат редарските служби пред билетарите и ски лифтовите, задолжително е физичко растојание од 1,5 - 2 метра и пред билетарите, жичниците и скилифтовите, ограничување на работата има и на угостителските објекти на терените исклучиво на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.

Владата донесе одлука за зголемување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за средношколци запишани вио учебната 2020/2021 година. Се зголемува бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од 400 на 544, бројот на стипендии за ученици со попреченост од 100 на 106 и стипендии за електро-техничка струка, односно сектор електро-техника, од 9 на 23.

Со еднокранта парична награда во висина од 30.000 денари да бидат наградени 7 пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување заради нивниот посебен ангажман во пронаоѓањето, отстранувањето и уништувањето на преку 7.000 парчиња, или 52 тона гранати кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола.

Усвоена е Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2020 година, која оваа година е во висина од 30 милиони денари.

Утврден е предлог-законот за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“, според кој се уредуваат постапката и условите за реализација на проектот за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби како градби од значење за Републиката. Предлог-законот опфаќа и реализација на дополнителни инфраструктурни услови за третман и сузбивање на заразни болести и инфекции заради заштита на населението од заразни болести, оптимизација на времето, трошоците или другите ресурси . Предлог-законот утврдува дека финансиските средства за реализација на овој болнички комплекс ќе се обезбедат од буџетот на Македонија.

Издвојуваме

Живот