X
 03.02.2021 Живот

Турската полиција уапси 170 лица на студентските протести

Турската полиција вчера уапси повеќе од 170 лица што учествуваа на студентските протести, на кои се бара менување на ректорот назначен од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Полицијата соопшти дека уапсила 104 лица во Истанбул и 69 во Анкара.

Во периодот околу Нова година, Ердоган го назначи Мелиха Булуа за нов ректор на Универзитетот „Босфор“, јавна институција каде што се школувала дел од државната елита.

Фотограф од „Френч прес“ објави дека некои полицајци ги тепале демонстрантите, додавајќи дека полицијата употребила солзавец и гумени куршуми за да го растера протестот во Истанбул.

Протестите што се одржуваат и денеска се и поради неодамнешното апсење на четири студенти кои се обвинети затоа што ставиле слика со светото место на исламот на факултетот, декорирана со знамиња на виножитото, симбол на ЛГБТ-движењето.

Протести се одржаа и во понеделникот, а тогаш полицијата приведе 159 студенти.

Во саботата министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу на „Твитер“ објави дека четворицата „ЛГБТ-идиоти“ биле приведени поради поттикнување омраза со нивниот постер.

„Твитер“ направи редок чекор криејќи ја пораката со предупредување дека ги крши правилата на платформата затоа што има содржина со омраза, истото што го направи со твитовите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Сојлу вчера објави нов пост во кој прашува зошто Турција треба да толерира ЛГБТ-девијанти. „Твитер“ ја скри и таа порака со предупредување дека содржината содржи омраза.

Студентите силно се потпираат на „Твитер“ за ширење на нивната порака со оглед на тоа што повеќето турски телевизии и весници се контролирани од владините сојузници, а државните медиуми едвај ги споменуваат демонстрациите.

Се чини дека врската помеѓу турските демонстранти и „Твитер“ од ден на ден станува сѐ посилна. „Твитер“ беше една од ретките платформи што се спротивстави на новото турско барање за социјалните мрежи да назначат локални претставници кои ќе можат брзо да ги следат судските налози за отстранување спорни објави.

Континуираниот отпор на „Твитер“ може да го направи недостапен во Турција доколку официјалните претставници ги реализираат нивните закани за намалување на неговиот опсег за 90 отсто. Големите платформи како „Фејсбук“ и „Тик-ток“ назначија локални претставници и со тоа избегнаа идни казни и забрани.

Твитовите на Сојлу додаваат на социјалниот притисок врз ЛГБТ-заедницата под сѐ поконзервативната власт на Ердоган.

Иако хомосексуалноста е легална низ историјата на модерна Турција, Парадата на гордоста во Истанбул е забранета од 2016 година.

- Ние ќе ги носиме нашите млади луѓе кон иднината, не како ЛГБТ-младина, туку како младина што постоеше во славното минато на нашата нација - рече Ердоган. Токму овие зборови предизвикаа уште помасивен број на учесници на протестите.

Извор: Indopremier.com | En24.news.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот