X
 03.03.2021 Живот

Во овој германски град граѓаните не смеат да се задржуваат на едно место

Градската управа на Диселдорф донесе одлука граѓаните да не смеат да останат на едно место на главните шеталишта во градот и покрај реката Рајна.

Бидејќи илјадници луѓе, шетајќи или уживањето на сонцето, ги преплавуваа шеталиштата на Рајна во Диселдорф во текот на изминатите викенди, градската администрација, со оглед на неможноста да се усогласат со правилата за физичко дистанцирање, одлучи да не им дозволи на граѓаните да останат на едно место. Забраната ќе остане во сила до 14 март. Така, изминатиот викенд пешаците што застануваа да пијат кафе, да јадат нешто или да седнат на пикник на околните тревници, преку мегафон беа предупредувани дека треба да продолжат да се движат.

Политичкото списание „Шпигел“ ја почнува својата репортажа вака:

„Од звучникот на комбето на Службата за јавен ред одекнува строг машки глас кој порачува: Нема застанување! Оваа служба заедно со полицијата го надгледува придржувањето кон новите правила, чие непочитување претставува кршење на јавниот ред и мир. Со други зборови: ако седнете да јадете, ако едноставно да застанете и да уживате во погледот кон небото, ризикувате казна од 50 евра“.

Овие мерки се важни за да им се помогне на луѓето подобро да се придржуваат до мерките за заштита од вирусот, рече Стефан Келер, градоначалник на Диселдорф.

Еден германски државјанин се обиде да ја спречи забраната со поднесување тужба по итна постапка. Но, набрзо Управниот суд ја отфрли тужбата. Причина: здравјето на населението е поважно од приватните интереси на тужителот.

maski
Фото: Freepik

„Шпигел“, исто така, пишува дека другите германски градови испратиле полицајци на нивните шеталишта за да го надгледуваат носењето маски на отворено. Така, во Хамбург кружеше еден полициски хеликоптер над Алстерпарк за да спречи поголеми собири на луѓе.

Најновите мерки во Диселдорф даваат резултати. Минатиот викенд, и покрај убавиот сончев ден, на шеталиштето покрај Рајна имаше помалку луѓе од вообичаеното. Но, разбирањето за ваквите мерки се чини дека драматично опаѓа, пишува „Шпигел“, истакнувајќи дека сѐ повеќе луѓе се потсмеваат со мерките. Списанието цитира една млада мајка која вели дека границата е надмината дури и за оние што се подготвени да ги почитуваат мерките. Веднаш штом се обиде да седне, Службата за јавен ред љубезно ја замоли да продолжи понатаму.

„Шпигел“ наведува и низа други апсурдни ситуации со кои се соочуваат луѓето што излегле на чист воздух. Така, едно четиричлено семејство беше предупредено веднаш да стане откако се обиде да седне на клупа и да јаде.

- Јадењето без маска е во ред, но додека шетате - вели една полицајка. Семејството станува, чека да замине патролата и потоа повторно седнува. Ваквата практика е вообичаена во Диселдорф.

„Шпигел“ наведува дека овие мерки, без оглед со кого разговарате, одат многу далеку за сите, особено за сопствениците на рестораните. Еден продавач на пиво за пешаци верува дека проблемот може да се реши со воведување таканаречени „еднонасочни улици за пешаци“.

Фадиме Спира ја прашува полицијата дали може да го отвори својот бар за продажба на пијалаци на улица бидејќи може да се направи редица, но добива одговор дека стоењето во ред е изземено од правилото за забрана за задржување на едно место. Петнаесетина луѓе, со маски на кои пишува: „Ангела Меркел мора да си замине“, се собираат на протест. Уште пред да почнат, демонстрациите се прекинати.

Голем дел од луѓето сметаат дека ова е лов на луѓе што сакаат само свеж воздух, па многу се одлучуваат да одат на прошетка на другата страна на Рајна, каде што нема контроли. Но, постојат и такви што сметаат дека се над мерките.

Aвтор: Јасмина Розе
Извор: Deutsche Welle/Spiegel
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот